Сити во офанзива: Тројца фудбалери плус 100 милиони фунти за Меси

Манчестер Сити е крајно сериозен во намерата да го доведе Лионел Меси во своите редови, откако Аргентинецот најави дека е подготвен за заминување од Барселона и вртење на нов лист во кариерата. Пеп Гвардиола е главен адут на „граѓаните“ во овој мегатрансфер, трофејниот стручњак веќе го контактирал својот поранешен играч убедувајќи го на преселба во Манчестер, а клупските директори се подготвени да ги прифатат неговите финансиски барања за тригодишен договор со Сити.

Потешкиот дел од задачата ќе биде да се најде заеднички јазик со раководството на Барселона, но првата понуда што е подготвена става до знаење дека Манчестер Сити е подготвен за сериозна инвестиција. „Граѓаните“ би платиле 100 милиони фунти, но и би испратиле во Барса тројца свои фудбалери, со што вкупниот трансфер би ја надминал рекордната сума од 222 милиони евра на Нејмар во ПСЖ. Станува збор за Бернардо Силва, Габриел Хесус и Гарсија, кои како дел од оваа мега-размена би заминале на „Камп Ноу“, а Барса би имала и 100 милиони фунти за инвестиција во уште една фудбалска мегаѕвезда во текот на овој преоден рок.

Силва и Гарсија се фудбалери за кои Барса покажа сериозен интерес во изминатите месеци, па сега ќе бидат искористени како „мамци“ во обидот да се постигне договор за Меси. Новиот тренер Куман планира ремонт на навалната линија, Суарез дефинитивно ќе си замине, па останува да се види дали каталонците ќе се согласат на Хесус како дел од овој трансфер, за Бразилецот да го облече дресот на Барселона.

Се вчитува...