Скалпот на Турците е вреден ‘трофеј’: Македонија сака трета победа во низа

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (19.45 часот) ја пречекува Турција во пријателски натпревар на арената „Филип Втори“. Избраниците на селекторот Игор Ангеловски ќе се обидат да стигнат до третата победа во низа, откако во претходната репрезентативна акција забележаа два триумфи, против Лихтенштајн на гости во квалификациите, и против Белорусија дома во пријателска средба. Скалпот на силната селекција на Турција е секако голем мотив за Горан Пандев и останатите македонски репрезентативци.

„Репрезентацијата на Турција располага со квалитет и мислам дека ќе имаме можност на вистински начин да направиме една контрола. Очекувам од моите фудбалери да бидат на нивото, исто како и на претходните натпревари. Сакаме да ја задржиме истата игра и да продолжиме со позитивните резултати. Фудбалот се игра за победи, сеедно дали е пријателски натпревар. Ни треба и поддршка, се надевам дека на трибините ќе има навивачи бидејќи ни се потребни“ , истакна селекторот Игор Ангеловски во најавата за овој дуел.

Напаѓачот Илија Несторовски потенцираше дека Македонија сака да ја продолжи победничката низа.

„Секој натпревар ни е важен, навистина добро се подготвуваме. Сакаме да ја продолжиме победничката низа. Се надевам дека со триумф против Турција на вистински начин ќе го најавиме мечот со Шпанија“, изјави Нестор-гол.

Турција е навистина силна фудбалска селекција. Со Фатих Терим на кормилото, и со Арда Туран, фудбалерот на Барселона, како предводник на теренот.

 

Се вчитува...