Скандал во Хрватска: Динамо од Атина прошверцувале хулиган на БББ, син на функционер

Хрватскиот магазин „Национал“ објави ексклузивна информација дека раководството на Динамо Загреб долго време крие голем скандал поврзан со немилите настани во Атина, пред мечот со АЕК ова лето, кои го потресоа фудбалскиот свет по убиството на 29-годишниот грчки навивач, Михалис Кацулис.

„Национал“, од извор близок до раководството на Динамо, дознава дека од клубот во авионот со експедицијата на враќање од Атина прошверцувале еден од навивачите на „модрите“ кој бил вклучен во немилите инциденти во главниот град на Грција.

Како што пишува „Национал“, во Грција отпатувале 64 членови на делегацијата на Динамо, а се вратиле – 65 члена со чартер летот. Дино Кордиќ, син на Жељко Кордиќ, функционер и пратеник во Собранието на Динамо, бил облечен во спортска опрема на Динамо, добил фотоапарат за прикривање и бил со чартерот вратен во Загреб.

Кордиќ по голема тепачка во Атина се сокрил во грмушка, сцена што изгледала како да е од филм, а не од реалноста, и од таму за се го информирал својот татко. Жељко Кордиќ, пак, веднаш ја известил првата дама на Динамо, Влатка Перас, дека неговиот син е во незавидна ситуација, а таа испратила двајца мажи да го повлечат и внесат во авионот. Сето ова тој и го потврдил на полицијата, но Динамо Загреб се обидува да го сокрие овој скандал.

И покрај инсистирањето од таборот на хрватскиот гигант не сакале да коментираат за „Национал“ ништо на оваа тема.

Се вчитува...