Скапа „метла“ – Јуве ќе плати 20 милиони евра за отказот на Сари

Одлуката за разделба од Маурицио Сари скапо ќе го чини Јувентус, со оглед на фактот дека искусниот стратег минатото лето потпиша тригодишен договор, па денеска доби отказ иако имаше да одработи уште две сезони на чело на „старата дама“.

Разделбата беше неминовна поради незадоволството на управата, навивачите, па дури и голем дел од фудбалерите од работата на екс-тренерот на Наполи и на Челси. Италијанските медиуми пресметаа дека претседателот Ањели ќе мора да издвои  нешто над 20 милиони евра за оваа одлука. Сари имаше загарантирана нето плата од 5,5 милиони евра по сезона, а ако на тоа се додадат и заработувачките на неговите асистенти (сите добија откази заедно со главниот тренер) и данокот на овие суми, се надминува границата од 20 милиони евра.

„Старата дама“ е стабилна од финансиски аспект и покрај коронавирусот, а оваа сума ќе биде распределена во наредните две години, освен доколку Сари не најде нов ангажман и реши да го раскине договорот со Јуве (што е малку веројатно барем за летово). Исплатата на сега веќе поранешниот тренер нема да се одрази врз трансфер-плановите на италијанскиот првак, кој веќе осигура две големи засилувања за средниот ред, Кулушевски и Артур.

Приоритет останува ангажмнот на уште еден голгетер по најавеното заминување на Игуаин, а како опции се споменуваат Милик од Наполи и Запата од Аталанта.

Се вчитува...