ЕКИПА во Истанбул, Турција
Горан Бошев
Пеколна атмосфера, расположен противник и на сето тоа кога ќе се додадат грешки во одбраната, сето тоа скапо ја чини Македонија по првиот дел да губи од Турција со 2-0. Македонија може да жали што не даде барем еден гол, со оглед дека Алиоски имаше огромна шанса откако се најде сам пред голот на противникот, меѓутоа не успеа да намали.
Катастрофалниот почеток на нашата селекција, придонесе пречката да се тресе уште во 10. секунда. Уште по 10 секунди игра Турците можеа да поведат, иако од центарот тргна нашата селекција. Грешка на Велковски, а топката стигна до Узун кој од левата страна од 20 метри „распали“ по голот на Димитриевски, кој ја чепна топката, а таа заврши во пречката.
Немаше спас за Македонија во 63. секунда. Акција од левата страна на опасниот Огуз Ајдин, додава до Кокчу кој од прва го натера Димитриевски да капитулира.
Македонија почна да се ослободува од притисокот, па дојде и првата шанса. Атанасов „распали“ од 25 метри, топката удри во некој од играчите на Турција и профуче крај десниот дирек.
Казната стигна во 16. минута. Елмали додава до Џан Узун кој од 23-24 метри одкосо од лево распали по голот на Димитриевски, кој не успеа да одбрани, и топката заврши во мрежата.
Шанса за Турција имаше и Акгун кој шутираше само над голот, а потоа дојде и огромната прилика за Македонија.
Миовски од лево центрира до осамениот Алиоски, кој го „измрда“ Кабак, но Бајиндир ми го одбрани ударот. Последната прилика беше за Огуз Ајдин кој одлично го мина Фетаи, Димитриевски овојпат е на место и брани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
