Скопје против Битола во завршницата на Купот на Македонија!

Две скопско-битолски полуфиналиња ќе се одиграат денеска во салата „Младост“ во Битола на завршниот турнир од ракометниот Куп на Македонија. Во првото полуфинале (16.30 ч.) играат бранителот на титулата, Вардар и Пелистер. Многу поголема неизвесност носи вториот полуфинален дуел (19.15 ч.) меѓу Еурофарм Работник и Металург. Тука квалитетот е изедначен, а еднакви се и шансите за финале во Купот на Македонија.

„Ќе биде неизвесен дуел, шансите се 50-50. Играме на домашен терен во Битола и имаме убава можност да направиме позитивен резултат. Еурофарм Работник е релативно нова екипа, но се одлично организирани. Лани играа во финалето на Купот и посакуваме тоа да го повториме и годинава. Амбициите секако се финале, но не треба да си правиме притисок, туку да одиграме добро и да ја искористиме шансата“ – вели искусниот бек на Еурофарм Работник, Горан Кузмановски.

Изедначена борба и неизвесен дуел очекуваат и во таборот на Металург. Така беше и на нивната прва меѓусебна средба во годинашниот плеј-оф која заврши без победник. Денешното полуфинале во Купот ќе биде продолжение, а финалната разврска во годинашната „битка за превласт“ меѓу Металург и Еурофарм Работниок ќе биде вториот дуел од плје-офот.

Предноста на Еурофарм Работник во денешното полуфинале е домашниот терен и битолската публика, а тоа најдобро го знае токму битолчанецот со капитенската лента во Металург, Филип Кузмановски.

„Тешко е да се игра во Битола пред таква публика. Сигурен сум дека битолчани посакуваат барем една од домашните екипи да игра во финалето. Реално, поголеми се шансите за Еурофарм Работник отколку за Пелистер кој е аутсајдер во дуелот со Вардар. Од друга страна, Еурофарм Работник е квалитетна екипа, нашиот прв дуел од плеј-офот заврши нерешено, а сигурно ќе биде неизвесно и вечерва. Наше е да излеземе на терен и да дадеме се од себе“ – вели Филип Кузмановски.

И во годинашната завршница во Купот на Македонија која по втор пат по ред се одржува во Битола, Вардар е главен фаворит за победничкиот пехар и за освојување на вкупно 13. Куп титула за „црвено-црните“.

Се вчитува...