Слатка одмазда: Блесна „Свети Пандев“ среде Израел….! (ФОТО + ВИДЕО)

ЕКИПА во Хаифа, Израел

Владимир Булатовиќ

Македонската репрезентација го запиша својот најголем резултат кога е во прашање дуел со подоброрангирана од нас селекција, славејќи на гостувањето против Израел со 0-1 во 7. коло од Групата Г во квалификациите за СП 2018.

Блесна Горан Пандев во Хаифа постигнувајќи погодок на официјален квалификациски натпревар по цели девет години (последен пат стрелаше против Холандија во поразот од 1-2 во септември 2008 година). На голот го имавме плус одличниот Столе Димитриевски, сето тоа дополнето и со извонредниот македонски бисер Елиф Елмас, па Македонија по четири порази од Израелците стигна и до првиот свој триумф против оваа репрезентација. Сето тоа за извонредно славје во Светата Земја, за слатка одмазда против Израелците за незаслужениот пораз во Скопје и како надеж за иднината на оваа генерација македонски фудбалери!

Македонската репрезентација одигра подобро од Израелците уште во првото полувреме… По бледиот наш почеток во првите 20 минути, следеше првата вистинска шанса во 21. минута кога по нафрлањето од десната страна од прекин на Алиоски на вториот дирек се најде Кире Ристевски сместувајќи ја топката во мрежата на Израелците. Но, откако најпрво покажа кон центарот, главниот судија од Русија, го поништи голот поради офсајд на Илија Несторовски.

Во 27. минута Израел ја имаше единствената шанса во првото полувреме кога Бен Хаим шутираше од идеална позиција, но Столе Димитриевски извонредно одбрани.

izrael - makedonija 3

Во 32. минута нова можност за наше водство. По нафрлањето пред голот на Израел, топката пред Дарко Велковски ја зафати Бен Хаим но дирекот спречи наше водство. Во 38. минута сега Велковски се најде во одлична можност, се обиде со глава од 7-8 метри но директно во домашниот голман.

Полувремето заврши со обид на Алиоски од 20 метри во 41. минута над голот на Израел, и на крајот со свирежи за домашните фудбалери од околу 10.000 навивачи на „Сами Офер“.

Izrael - Makedonija 5

Првата можност во второто полувреме ја имаа домашните фудбалери. Капитенот Еран Захави се обиде со шут од околу 20 метри, но неговиот удар заврши неколку сантиметри од левиот дирек од голот на Димитриевски.

Веќе во 52.минута две нови одлични можности за Македонија. Најпрво, по проигрувањето од Пандев, Енис Барди место да шутира од 16 метри се одлучи да проигра со Алиоски кој изнуди корнер, а по корнерот кој го изведе Барди, на вториот дирек Горан Пандев – но топката заврши сантиметри покрај левиот дирек од голот на Израелците.

Во 60. минута следеше 100% шанса за Израелците. По левата страна која очајно изгледаше во вториот дел, покрај Алиоски и Кире Ристевски, повторно се прошетаа Израелците, Хемед осамен шутираше од 12 метри, но Димитриевски извонредно спречува водство на домашните.

Веќе во 64. минута Енис Барди од одлична позиција во обид од 18 метри, но во последен момент блокиран во корнер неговиот шут од домашната одбрана.

И конечно водство на „црвено-жолтите“ во 73. минута. Одлична почната акција на Пандев од средината до Алиоски, кој веднаш го проигра Елмас, а еден од најголемите европски таленти извонредно го проигрува Пандев во домашниот шеснаесетник. Капитенот мајсторски од свртување ја тресе противничката мрежа за наше водство од 0-1.

Израелците се заканија во 80. минута кога Келјтенс одлично шутира од 18 метри, но Столе Димитриевски уште еднаш извонредно го брани македонскиот гол. До крајот Израелците не успеаја посериозно да се заканат, ние имавме обид и преку Алиоски во 92. минута, но сето тоа заокружено за прва ваква наша гостинска победа во историјата!

dav

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2018 – ГРУПА Г (7. коло)

ИЗРАЕЛ – МАКЕДОНИЈА 0-1 (0-0)

Стадион „Сами Офер“ во Хаифа. Гледачи: 11.000. Главен судија: Алексеј Есков (Русија). Ж. картони: Барди, Елмас (М). Стрелци: Пандев 73′ (М).

ИЗРАЕЛ: Глазер, Битон (71′ Келтјенс), Бен Хаим, Цедек, Меликсон, Кохен, Охана (Хемед 46′), Давидзада, Захави, Кабха, Бен Хаим 2

Селектор: Елиша Леви

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристевски, Муслиу, Велковски, Ристовски, Алиоски, Николов (63′ Елмас), Спировски, Барди (90′ Зајков), Пандев, Несторовски (86′ Радески)

Селектор: Игор Ангеловски

ТАБЕЛА: Шпанија 19 бода, Италија 16, Албанија 12, Израел 9, МАКЕДОНИЈА 6, Лихтенштајн без бодови.

Се вчитува...