Слатка одмазда за Голден Стејт, лејкерси заспаа и загубија

Кошаркарите на Голден Стејт вориорс со одлична игра ја продолжија победничката серија и на гостувањето против Милвоки бакс, славејќи над незгодниот ривал со 95-105. Ова беше слатка одмазда за Стеф Кари и останатите членови на актуелниот првак, кои пред околу месец загубија со 111-134 од бакси, по што „воините“ влегоа во криза губејќи серија натпревари против ривали кои вообичаено рутински ги добиваат. Сепак, сега самодовербата повторно е на највисоко ниво, а синоќа против Милвоки одлично функционираше и одбраната, задржувајќи го противникот под 100 постигнати поени.

Во нападот повторно акцентот беше ставен на шутот од далечина Голден Стејт шутна вкупно 46 тројки (рекорд за сезонава), погодувајќи 19. Кари и Томпсон беа најефикасни со по 20 поени, а изненадување за домаќините беше Јеребко со четири тројки за 12 поени.

Ниту новиот трипл-дабл на Расел Вестбрук не му помогна на тимот на Оклахома сити да стигне до триумф на гостувањето против Чикаго. Експлозивниот бек го заврши мечот со 24 поени, 17 скокови и 13 асистенции, но неговиот тим загуби со 114-112 од „биковите“, во чии редови најефикасен беше Лавајн со 25 поени.

ЛА лејкерс со очајна игра во последната четвртина прокоцка победа на гостувањето против Сан Антонио. „Езерџиите“ делуваа одлично во првите три периоди, но спарси го добија последниот дел од мечот со 44-21, правејќи пресврт за конечен триумф од 133-120. ДеРозан беше главен фактор во победата на Сан Антонио со 36 поени и 9 асистенции, а на лејкерси не им помогна ниту одличното издание на Леброн Џејмс, кој го заврши мечот со 35 поени и 11 асистенции.

Резултати: 

Шарлот – Денвер 113-107, Детроит – Филаделфија 111-117, Орландо – Индијана 90-112, Бруклин – Торонто 106-105 (по прод.), Кливленд – Сакраменто 110-129, Чикаго – Оклахома 114-112, Њу Орлеанс – Мемфис 103-107, Сан Антонио – ЛА лејкерс 133-120, Феникс – Мајами 98-115, Милвоки – Голден Стејт 95-105.

Се вчитува...