Славје за Норвежаните во спринт-мешовитата штафета на СП во бијатлон

Тандемот Марте Олсбу Јорсланд – Јоханес Тингес Бо се победници на спринт-мешовитата штафета на Светското првенство во бијатлон кое се одржува во Остерсунд, Шведска.

Делницата од шест километри кај дамите и  седум километри кај мажите, Норвежаните ја поминаа со вкупно време од 35:43.2 минути. Среброто им припадна на Италијанците Доротеа Вирер и Лукас Хофер, а со бронза се закитија домашните бијатлонци Хана Оберг и Себастијан Самуелсон.

За најдобриот бијатлонец во светот, Јоханес Тингес Бо ова е трето злато на шампионатот, а има и една бронза од 15-километарската потера.

Утре е слободен ден на првенството, кое својата завршница ќе ја има викендов со штафетните трки и трките во масовен старт.

Се вчитува...