Словачка без шанси против разиграните Македонци

Македонската кошаркарска репрезентација ја забележа и третата победа во претквалификациите за ЕП 2021, по триумфот на гости против Словачка, нашите кошaркари лесно истата селекција ја совладаа и на домашен терен со 87-74.

Македонија одлично го отвори мечот поведувајќи 9-3 преку комбинација на Трајковски и Стајиќ, кои го примораа селекторот на словачката селекција веднаш да реагира. Рано ја презедовме контролата, па за брзо стигнавме и до 16-6, но Словачка нанижа девет поени во низа во следните три напади. Ни недостасуваше континуираност на нападите, па наместо да ја вратиме двоцирената предност при 20-13, Словаците одново форсираа шут за три и намалија на 20-18. Сепак, кошаркарите на Давитков не дозволија пресврт и изненадување во почетните 10 минути, 25-21.

Четири лични грешки за помалку од 40 секунди во втората четвртина никако не беа добри вести за селекторот Давитков, Македонија се обидуваше агресивно да се брани, но ризикот не се исплатеше. Словачка врза пет поени и стигна до првата предност на средбата, 25-26. Давитков повика тајм-аут, а по него одговори Дамјан со тројка за 28-26. Гостите и натаму се потпираа на шутевите од далечина, додека ние по враќањето на дел од стартерите ја смиривме топката и одново почнавме да градиме сигурна предност. На половина од вториот период, Костовски ја разбуди публиката реализирајќи шут за три поени со истекот на нападот, а веќе во следниот Трајковски лесно погоди за нови +10, 39-29. Потоа и Хендрикс придонесе со четири поени во низа за +14, а до крајот на полувремето Македонија имаше заслужени 52-37.

Македонија притисна кон зголемување на предноста и можеби решавање на победникот уште кон почетокот на третиот период. Во 25. минута нашите кошаркари стигнаа и до +23 (63-40) благодарение на шесте поени во низа на Ѓуровски при своето прво влегување во игра, како и петте поени на Хендрикс во тие моменти. Но, Словаците не се предаваа лесно, па до крајот на периодот се обидуваа да спречат дебакл преку Билик и Седмак, освојувајќи го периодот со 18-20, но и натаму Македонија имаше сигурна предност, 70-57.

Во одлучувачките десет минути нашите кошаркари ја задржаа големата предност и при тоа без поголеми проблеми ги осигураа важните бодови во овој квалификациски прозорец.

Ричард Хендрикс одново одигра одлична партија, реализира дабл-дабл учинок со 23 поени и 13 скока за 28 минути, Војдан Стојановски додаде 13, Трајковски заврши со 14 поени. За Словачка по 17 поени реализира Курич и Корнер, додека Билик додаде 12 поени.

Се вчитува...