Словаците претпазливи: Хендрикс е голем „плус“ за Македонија

Словачките репрезентативци со голем респект гледаат на македонскиот кошаркарски национален тим во пресрет на утрешниот дуел меѓу двете селекции во Попрад, на стартот од претквалификациите за ЕП 2021. Кајл Курич, кој против Македонија ќе го има своето деби во словачката репрезентација, предупредува дека нашата национална селекција добива многу на квалитет и на цврстина со вклучувањето на Ричард Хендрикс, кој последен беше повикан по повредите на Чековски ии на Трајковски.

„Играв заедно со Хендрикс во Гран Канарија и можам да кажам дека е одличен кошаркар кој сигурно ќе биде голем „плус“ за Македонија. Ќе биде интересно да играм против него, а од останатите кошаркари го знам и Војдан Стојановски, против кого настапував во Шпанија. Како и да е, ние ќе треба да го наметнеме сопствениот стил на игра, за противникот да се грижи за нас, а не обратно“ – изјави Курич, кој сезонава настапува за Зенит.

Селекторот на Словачка, хрватскиот стратег Иван Рудеж, е свесен дека утрешниот натпревар ќе донесе жестока битка на две селекции кои ќе сторат се за да победи.

„Македонија игра добра кошарка, но исто така води и психолошка војна на теренот. Разговарам многу со кошаркарите и ги подготвувам и за тој аспект од играта. Сигурно дека противникот не е наивен, сега го има и Американецот Хендрикс, кој им носи дополнителен квалитет. Играта ќе ја базираат врз близнаците Стојановски, го имаат и талентираниот Димитријевиќ… тоа е квалитетна репрезентација што можеме да ја победиме само ако одиграме најдобро што знаеме“ – истакна Рудеж.

Се вчитува...