Словенките беа преголем залак: Прескромни 36 постигнати поени за пораз во четвртфиналето

Женската младинска кошаркарска репрезентација на Македонија не успеа да се пласира во полуфиналето на Европското Првенство – Б дивизија што се одржува во Скопје, откако денеска ја загуби четвртфиналната пресметка од Словенија со резултат 36-63. Самиот пласман меѓу најдобрите осум селекции беше значаен успех за „црвено-жолтите“, кои и покрај големата желба, денеска беа далеку од сензација.

Тасевска го реализираше првиот напад за водство од 2-0, што беше единствена предност на Македонија во четвртфиналето. Димитријевиќ во петтата минута стрелаше прецизно за намалување на негативата на 5-4, по што следеше долгиот пост од осум минути без поени што Словенките го искористија за убедлива предност од 19-4. „Црвено-жолтите“ солидно парираа до крајот на полувремето и на одмор се замина со резултат 28-15,

Сепак, стартот на третата четвртина донесе нова убедлива серија на словенечките кошаркарарки, кои набрзина поведоа со 45-19, разрешувајќи ги сите дилеми околу победникот на оваа средба. Слабата игра во нападот на нашата репрезентација продолжи до самиот крај, па убедливиот пораз беше неизбежен, изразен со конечни 63-36.

За одбележување е катастрофалниот шут од далечина (1/20 за тројка), а најефикасни во редовите на македонскиот национален тим беа Николиќ со 10 и Поп Стојанова со шест поени.

Се вчитува...