„Случај Симоновски“: МКФ не ги осигурува играчите, а бара казни за нив

Нов скандал е на повидок во Македонската Кошаркарска Федерација откако е обелоденето дека Петар Наумоски и неговите најблиски соработници со задоцнување ги осигурале македонските репрезентативци, што придонесе сега ФИБА да одбие да го покрие договорот на Марко Симоновски. Покрај зголемувањето на бројот на екипи учесници во Првата лига, значаен дел од „тајниот состанок“ на Управниот одбор на МКФ минал во разговори за „Случајот Марко Симоновски“, поради повредата што членот на МЗТ Скопје ја заработи при еден од првите тренинзи на националниот тим.

Иако влечеше незгодна повреда, Симоновски покажа карактер и му се стави на располагање на Јорданчо Давитков од самиот почеток на подготовките. За жал, тој само неколку дена подоцна повторно се повреди, што на површина изнесе нов проблем – осигурување на репрезентативците. Имено, МКФ е должна да ги осигура кошаркарите пред настапот во националниот тим според актуелните договори што ги имаат со своите клубови. Ова осигурување е бесплатно и треба да се испрати список на играчи со нивните плати според договорите депонирани во федерациите, а потоа за договорот гарантира ФИБА, која ја покрива платата на кошаркарот во случај на повреда.

rep.na mkd (kosarka (9)

За жал, тоа не е случај и со Марко Симоновски – бидејќи МКФ задоцнила со осигурувањето, односно тоа го сторила по повредата на одличниот шутер. Првата прозивка на Давитков беше закажана за 20 јуни, додека осигурувањето е регулирано на почетокот од јули, па според истото ФИБА сега сосема исправно одбива да ја покрие платата на кошаркарот кој не бил благовремено осигуран. Токму поради ова претставникот на МЗТ бил гласен во критиките кон претседателот Наумоски на оваа тема за време на Управниот Одбор, потенцирајќи ја несериозноста на раководството на федерацијата на оваа чувствителна тема.

Согласно правилата, ФИБА ги покрива трошоците од моментот на повредата до моментот на враќање на играчот на терен, по што потоа клубот повторно ја исплаќа неговата плата. Во една ваква ситуација, сега Симоновски може да ги бара парите од МКФ, па дури и да ја тужи македонската куќа на кошарката за несовесното работење. Неофицијално, изговорот на МКФ и на Наумоски ќе биде дека станува збор за обновување на стара повреда и барање на вина кај самиот кошаркар, што е под секое ниво откако во текот на летото селекторот Давитков ги молеше буквално сите играчи да дојдат да му помогнат на националниот тим.

Исто така, се поставува прашањето со кое лице Македонската Кошаркарска Федерација бара казни и суспензии за оние играчи кои одбиваат да настапат за националнот тим, кога истовремено негрижата кон репрезентативците кои доаѓаат да играат за Македонија ја покажува со задоцнето осигурување. За иронијата да е уште поголема, Наумоски пред многу години ја предводеше иницијативата за смена на тогашниот претседател Зоре Темелковски, барајќи да му биде покриено високото осигирување од евентуална повреда во националниот дрес.

Сепак, очигледно е дека е лесно да се бара – потешкиот дел е да се даде она што си должен кога ќе погрешиш. Или во најмала рака барем да ја прифатиш одговорноста.

Се вчитува...