Слушнете ја драматичната трансфер-одисеја на Канатларовски: „Договорен со Ц. Звезда, киднапиран од Хајдук а заврши во Вардар!“ (ВИДЕО)

Во најновата епизода на „ПРЕСИНГ“ гостин е едно од најголемите имиња на македонскиот фудбал во историјата, Драган Канатларовски.

Со поранешниот македонски селектор, меѓу бројните теми, разговор и за неговиот траансфер од Пелистер во Вардар во 1985 година. Трансфер на кој му претходела вистинска одисеја по просторите на поранешна Југославија.

Најпрво договорен со Црвена Звезда, па од Белград „киднапиран“ и однесе во Сплит каде постигнал преддоговор со Хајдук, но на крај по наредба на врвот на тогашната Комунистичка партија на Македонија едноставно наложено да потпише единствено за Вардар.

„Во тие моменти јас требаше да преминам во Црвена Звезда, и ние дури и отидовме со воз од Битола за Белград, и сѐ беше договорено. Во меѓувреме Вардар пак се замешува, откако Вардар најпрво пред тоа се откажа од мене. Дали Битола барале повеќе пари или не, не знам. Но, ме бараа исто и Партизан и Динамо Згреб и последен кој се јави беше Железничар Сараево. Ивица Осим натпревар мој и рекол тој мора да игра за нас. Одлуката беше, сепак, за Црвена Звезда. Заминавме за Белград. Претседателот на Пелистер тогаш, Бутлески дури и побара од Драган Џајиќ на свеченост со потпишувањето на договорот да присуствува и мојот татко и тој како претседател. И се беше прифатено и договорено“ – раскажува Канатларовски.

Но, потоа пресврт….

„И се сместивме во хотел, каде следеше неочекуван повик телефонски. Ни вика: „Доаѓа такси по вас ќе ве однесе некаде“. Ние ниту знаеме каде, ни ништо. Излеговме пред хотел, онака без ништо, и ни вика ајде одите со нас. Тој човек беше многу близок до Хајдук. Беше од Ресен, Ташко Ристевски. Го прашувам каде одиме, немам ни лична карта ни ништо со мене, ни облека, се ми остана во хотелската соба. Остави облека, ќе ти купат се таму, ми вели. И, правец во Сплит. Па, веднаш се појавија написи во југословнските медиуми дека сум киднапиран од Хајдук, тогаш исто и Дарко Панчев го криеја од Црвена Звезда, и се тоа некако се поврза. И така се случи јас се да договорам со Хајдук. Со претседателот на Хајдук беше сѐ договорено, и финансиски услови за мене, и за Пелистер колку требаше пари“ – вели популарниот Цапар.

И, повторно пресврт…

„Но, на враќање во Македонија, на слетување не пречека шоферот од претседателот и не однесе во Бистрица. А, таму веќе собрани челниците од Вардар, Џоџа Николовски, беше и Филип Ѓурчиновски и уште неколку луѓе. Пред нив Бутлевски ми кажува дека можеш, вика, само да одиш во Вардар или да останеш во Пелистер. Друга опција не доаѓа во предвид. Тоа е одлука од врвот. Јас си отидов дома и на човекот кој требаше за два дена да оди во Сплит, му кажав дека нема ништо од Хајдук. После и од Пелистер му кажаа, а јас парите кои ги зедов од Хајдук ги вратив назад. Тоа беа различни времиња од дене, и со различни вредности. Вардар беше моја судбина“ – коментира Канатларовски.

Драган Канатларовски потоа во 1987 година дојде до шампионската титула со Вардар, а веќе во 1988 година потпиша за Црвена Звезда.

==================================================
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО МИРСАД ЈОНУЗ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…

Се вчитува...