Сменет во „пет до дванаесет“ судијата за Ел Класико, во Барса се незадоволни

Влогот на утрешното Ел Класико е огромен, Барса има можност со триумф најмалку на еден ден да се искачи на врвот на табелата, а челниците и навивачите на каталонскиот гигант се бесни од изборот на нов судија, на еден ден пред одигрувањето на големото дерби.

Матеу Лахоз требаше да ја дели правдата на утрешниот дуел на „Алфредо ди Стефано“, но најдобриот шпански судија се повреди, а за негова замена беше именуван Хесус Хил Манцано.

Станува збор за еден од најомразените арбитри меѓу фановите на каталонскиот гигант, во Барса сметаат дека тој низ годините пречесто носел одлуки против овој клуб, па неодамна беше најавена и иницијатива да се поднесе официјално барање тој никогаш повеќе да не суди дуел на каталонскиот гигант.

Сепак, Манцано утре ќе се најде на центарот, и тоа против Реал Мадрид, клуб со кој овој судија беше поврзан при скандалот ланската сезона, кога по мечот со Вилјареал се појавија фотографии како тој излегува со полни ќеси со логото на „кралскиот клуб“.

Барса го искористи тоа за кампања дека Манцано е голем приврзаник на големиот ривал, па големи се шансите утрешното дерби да предизвика бурни реакции.

Се вчитува...