Смилковски: Израмнетиот квалитет на екипите е одлична најава за возбудлива сезона

Новата кошаркарска сезона во Македонија започнува претстојниот викенд. Титулата ќе брани МЗТ Скопје, а во новата сезона во Суперлигата ќе учествуваат десет екипи.

Тренерот на ТФТ, Боро Смилковски пред стартот на сезоната ги искажа своите очекувања.

Колку сте задоволни од сработеното во подготвителниот период и дали тимот ја дочекува премиерата на новата натпреварувачка сезона во посакуваната физичка и тактичка форма?

„Во изминативе месец и половина успеавме да реализираме еден воведен циклус на подготовки надополнет со 10 подготвителни натпревари. Лично сум задоволен од физичката и тактичката подготвеност на екипата за почетокот на сезоната“, вели Смилковски.

Со оглед на засилувањата во сите клубови, каква Суперлига очекувате оваа сезона и каде ја гледате предноста на вашиот тим во однос на директните ривали?

„Нов систем на натпреварување, десет екипи и израмнет квалитет во лигата се одлична најава дека ќе сведочиме на крајно возбудливо првенство. Со еден изменет ростер, можеби и најмладата екипа во овогодинешното првенство, не отстапуваме од целите за борба за висок пласман, како во домашното првенство, така и во АБА2 лигата“.

Колку е важна победата во премиерното коло од психолошки аспект и каква порака сакате вашата екипа да испрати до јавноста и навивачите со првиот сезонски настап?

„Исклучително тежок на натпревар на гостински терен во Битола. Голема почит кон работата на тренерот Тане Спасов. Нова и добра екипа, млади игражи желни за докажување. Пред се, верувам дека ќе сведочиме на модерна и добра кошарка, во која најверојатно ќе решаваат детали во играта околу победникот. Верувам во сработеното и се надевам на позитивен резултат“.

Се вчитува...