Кошаркарите на ТФТ остварија историски успех со пласманот во големото финале од АБА2 лигата, серија што ја почнуваат вечерва во 20.30 часот со гостување против првиот носител Широки бријег од БиХ.
„Црно-белите“ од скопско Тафталиџе во последните седмици ја живеат својата спортска бајка, но никој не престанува со сонот – овој тим како седми носител да стигне до титулата во АБА2 и да влезе во елитното кошаркарско друштво во регионот.
„Пресреќни сме што сме овде, сонот АБА1 е поголем од било кога свесни, сега кога дојдовме на само еден чекор. Среќни сме што ќе играме финале, но воедно и свесни дека самото учество не значи ништо, самото излегување на терен не е ништо ако не се даде максимумот од првата до последната минута. Пред нас е најтешкиот предизвик, но се чувствуваме подготвени, по елиминациите на Златибор и на Сутјеска да изненадиме уште еден тим што ја има фаворитската улога пред дуелите со нас“, вели Борко Смилковски, тренерот на ТФТ кој воедно е и сопственик на овој скопски суперлигаш.
Тој има максимална почит кон денешниот домаќин, кој како првопласиран ја заврши лигашката сезона, за потоа да доминира и во плејофот.
„Тие се најдобриот тим досега сезонава во АБА1, имаат само еден пораз, и тоа од Сутјеска на самиот почеток и оттогаш редат само победи. Секако дека поседуваат квалитет, клучни во играта им се Американците Мекрири и Трајс, кого го познаваме од настапите во мак-баскетот за Работнички. По стилот на игра можеби повеќе потсетуваат на Златибор отколку на Сутјеска, со тоа што се исклучително добри при носењето на одлуки во текот на натпреварот. Ние се подготвивме најдобро што можевме, дефанзивниот скок и спречувањето на лесни поени од транзиција на противникот, со што би направиле значаен чекор на патот кон добар резултат. Без оглед на денешниот исход, ова е само почеток на серијата и ме радува што следната седмица ќе имаме можност да одиграме уште еден домашен меч пред полни трибини и во прекрасна атмосфера како што тоа беше случај со вториот дуел против Сутјеска минатата седмица“, порачува Смилковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

