Смилковски: Ме радува жарта и борбата кај младите играчи, ќе бидеме подготвени за Купот и плејофот

ТФТ не успеа да ја прекине серијата на порази откако на домашен терен во заостанатиот натпревар од 20. коло загуби од Академија ФМП со 65-77. Составот на Боро Смилковски се соочува со големи проблеми во ротацијата со оглед на тоа што неколку играчи имаат посериозни повреди.

Меѓу нив е и Тај Харис, плејмејкерот на „црно-белите“ чие отсуство денеска беше видливо на паркетот во организацијата на играта. Сепак оној дел што радува и покрај поразот е шансата која ја добија младите играчи, вели тренерот на ТФТ.

„Овој натпревар воедно беше и новитет за нас бидејќи за прв пат настапивме без Тај Харис. Ние сме градени на тој начин што неговото присуство многу значи. Сакавме да видиме дали можеме или не можеме да играме без него и во моментов видовме како тоа изгледа. Повеќе екипата беше во грч отколку што не можевме да се снајдеме во таа ситуација, а своето си го направија и неколкуте повреди што не мачат. Митревски одигра искучително добар натпревар, беше на ниво на задачата и веќе прераснува во лидер на оваа екипа. Ме радува тоа како одиграа младите играчи на крајот на натпреварот во последните неколку минути со многу борба и жар во кои успеавме да ја намалиме разликата. Треба време за се, за нив ова е добра можност да почувствуваат малку паркет и што тоа значи во еден ваков натпревар помеѓу две плејоф екипи“, изјави за ЕКИПА, Боро Смилковски.

ТФТ има време да се рехабилитира од денешниот натпревар пред последниот меч од регуларниот дел од сезоната во кој „црно-белите“ ќе се сретнат со Гостивар. Истиот ќе биде одигран во текот на следната недела и ќе одлучува за плсманот на петата позиција на табелата пред Купот и разигрувањето за титула.

„Екипата на ФМП беше поконкретна, имаа натпревар „да се биде или не“, додека ние повеќе плутавме со мислите во очекување на тие, финални борби кои што следат. Веќе извесно време сме пласирани во плејфот, а тој момент можеби и психички си го створи своето кај овие млади играчи, но има простор за напредок, имаме време за дуелот со Гостивар кој ќе биде и решавачи за тоа кој ќе биде петти, а кој шестти на табелата. Ќе го сочекаме и расплетот од останатите натпревари и се надевам дека ќе бидеме спремни за Купот и плејофот што следи“, додава првиот човек на ТФТ.

„И покрај овие порази атмосферата ни е на едно завидно ниво. Серијата на порази малку ја загуби самодовербата кај поедни играчи, меѓутоа како што одминува сезоната така расте и степенот на натпреварите. Секој дуел значи за некој помалку, за некој повеќе и баш ќе биде интересно што ќе се случува во престанатите натпревари“

Повредените играчи се очекува да подготвени да се вратат на паркетот во пресрет на Куп и плејоф натпреварите, а со нив и претпознатливата игра која го красеше овој тим на ТФТ во текот на сезоната.

Се вчитува...