По изборувањето на ТФТ на своето прво историско финале во Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“, тренерот Боро Смилковски не го криеше своето задоволство од победата над ФМП Академија, и најави атак на трофејот во утрешното финале.
„Тоа што најмногу го добивме со Пелистер, беше што си докажавме на самите дека можеме со подобри екипи. Не може да кажам дека е лесно кога ќе го елиминираш Пелистер кој немаше пораз, а сега да победиш со ФМП… Но најдовме време да се рехабилитираме доволно за овој натпревар. Овој ривал ни беше голем должник, годинава лигашкиот меч го загубивме во последната секунда. И тоа беше наш мотив дека дојде време конечно и ние да победиме. Домашниот терен и поддршката од публиката си го сторија своето, да имаме енергија цели 40 минути. Второто полувреме можеби за момент не беше добро за око, но бевме доста исцрпени. Во финалето немаме што да загубиме, но одиме во атак по првиот трофеј во историјата. Сакам во финалето да играме против МЗТ Скопје, тоа е моја желба“, рече Смилковски.
Александар Петровиќ, тренерот на ФМП не го криеше разочарувањето по поразот во полуфиналето.
„Ова беше заслужена победа на ТФТ. Ние потфрливме во секој сегмент, посебно во одбраната, а нападот ни беше дезорганизиран. Тука го гледам поразот. Повеќе желба имаше ривалот од нас, не е дека немавме и ние… но кај нас се виде заморот. Можеби противникот имаше повеќе време за одмор, но тоа не е оправдување, нè надиграа во секој сегмент. ТФТ знаеше што сака во напад, ние игравме со доста дриблинзи, и немавме идеја, па тоа ни донесе пораз“, рече Петровиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА