Со речиси истиот стартен тим од Тбилиси, без повредените Велковски и Адеми, на мегдан и против Романците

ЕКИПА во Букурешт, Романија

Владимир Булатовиќ

По пласманот на Европското првенство, македонската спортска јавност, без сомнение, очекува позитивен старт на националниот тим и на квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство 2022 во Катар.

Без разлика што не очекува далеку поквалитетна селекција од оние од рангот на Ерменија, Лихтенштајн, Гибралтар или Грузија, останува желбата и меѓу репрезентативците за успешен почеток на новиот циклус како најава за амбициите за борба и за пласман на Мундијалот следната година.

А, селекторот Игор Ангеловски за дуелот со Романците ќе смета безмалку на сиот квалитет од последниот ноемвриски собир кога во Тбилиси се избори историското учество на ЕП. Со, тоа што сега најверојатно во првиот тим ќе го нема изборот на Аријан Адеми, кој иако допатува во Букурешт тешко дека ќе може да стартува од првата минута, како и Дарко Велковски кој се повредил на синоќешниот тренинг пред денешниот дуел, напуштајќи го предвреме поради болки во мускулот. Но, на место на Адеми во првиот тим се враќа во селекцијата Енис Барди кој, не играше во Тбилиси поради повреда на грбот, а сега игра во одлична форма во дресот на шпански Леванте.

Склопувајќи ги коцките во изборот за стартниот тим, се очекува во средниот ред на Барди друштво да му прават Бобан Николов и нешто поофанзивниот Елиф Елмас, а по крилните позиции стандардните Стефан Ристовски и Езгијан Алиоски.

Во одбраната, пред голманот Столе Димитриевски, се очекува сега Бејтулаи-Муслиу и Кире Ристевски на левата страна. А, во нападот капитенот Горан Пандев и Илија Несторовски.

Се вчитува...