Вардар тргна во шопинг – соиграч на Филип Кузмановски, прво засилување за новата сезона

Вардар почна со составување на тимот за наредната натпреварувачка сезона откако „црвено-црните“ го договорија првото засилување – словенечкиот репрезентативец Нејт Цехте. Станува збор за 29-годишен ракометар кој настапува на позицијата десен бек и кој на крајот од сезонава ќе пристигне во Скопје од редовите на бундеслигашот Хановер, каде за соиграч го има македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски.

Цехте беше дел од репрезентацијата на Словенија на ЕП 2022, но не доби премногу шанси за докажување од екс-селекторот Врањеш на елитното европско натпреварување. Тој игра во одлична форма во дресот на Хановер, но договорот му истекува на крајот од сезонава, а Словенецот на крајот реши да ја прифати понудата на Вардар наместо да остане во Бундес-лигата.

Доаѓањето на Цехте ќе значи и заминување на еден од двајцата десни бекови што „црвено-црните“ ги имаат во моментов, Кевин Нијокас или Куни Моралес.

Вардар денеска и официјално ја доби откажаната средба со Брест Мешков со службени 10-0, по што „црвено-црните“ и дефинитивно ќе го освојат петтото место во групата, а за ривал во следната фаза од Лигата на Шампионите ќе го имаат унгарскиот гигант Веспрем.

Се вчитува...