Соколи против фаворитот Будуќност: Храбра игра, па нека биде што биде

Кошаркарите на Карпош соколи се свесни дека немаат што да загубат на денешното гостување против Будуќност (19 часот). Македонскиот претставник се наоѓа во одлична серија од четири победи со која побегна од дното на табелата, а денешниот ривал воедно е и првата екипа што „соколите“ ја победија во АБА-лигата, кога во првиот круг од натпреварувањето во Скопје го совладаа црногорскиот првак со 77-71, нанесувајќи му го првиот пораз.

Ние во натпреварот ќе влеземе со обврска да одиграме ангажирано и борбено, со цел да се претставиме во најдобро можно светло и покрај фактот дека црногорскиот состав е голем фаворит. Кај нас се чувствува отсуството на повредениот Вркиќ, празнина што се уште не знаеме како да ја пополниме, дали со некој од повисоките играчи или со поголем простор на капитенот Пенов. Будуќност е исклучително силен тим со плејоф амбиции, сигурно ќе игра максимално мотивирано до крајот на сезонава за да го избегне четвртото место на табелата и Црвена звезда за ривал во полуфиналето“ – изјави тренерот Драган Николиќ.

Во играта на Карпош соколи повторно многу работи ќе зависат од Кендрик Пери, кој заедно со Лабовиќ е лидер на македонскиот претставник во АБА.

Воопшто нема да ни биде лесно бидејќи против себе ќе имаме ривал што грчевите се бори за што е можно подобра позиција пред плејофот. Тие исто така ќе сакаат и да ни се одмаздат за поразот во Скопје, кој за нив беше шокантен бидејќи дотогаш имаа само победи во АБА-лигата. Треба да ја одиграме нашата игра и да не му дозволиме на домаќинот да го наметне сопствениот ритам“ – истакна американскиот плејмејкер во таборот на „соколите“.

Се вчитува...