„Соколите“ ќе ја бранат тврдината од ’соседите’, МЗТ брка прва победа на гости

Карпош соколи и МЗТ Скопје Аеродром вечерва (20 ч.) ќе си ги одмерат силите во второто за оваа сезона македонско дерби во регионалната АБА лига. Двете екипи се наоѓаат во долната половина од табелата во Јадранското натпреварување и секоја победа ќе значи чекор понапред во борбата за опстанок во регионалното друштво.

Во првото дерби, МЗТ Скопје ја оствари својата прва победа во оваа сезона, а во изминатото коло го декласира Задар што значи дека самодовербата дополнително ќе биде зголемена и на највисоко можно ниво.

Бројките пак зборуваат поинаку. Карпош соколи имаат шест победи, сите на домашен терен додека МЗТ Скопје нема победа на гостински терен. Фаворитската улога тренерот на „соколите“ Драган Николиќ му ја предаде на градскиот ривал во АБА лигата.

„Ова дефинитивно треба да биде празник на кошарката, со оглед на тоа дека АБА лигата доби и трето граско дерби – скопското, по тие на белградските и на загрепските екипи. Најдажно е тоа да биде добар натпревар и двете екипи да покажат дека во Македонија се игра добра кошарка без разлика што двата тима се борат за опстанок. МЗТ има добар распоред до крајот и мислам дека нема да му биде проблем да остане во лигата. Веќе неколку години по ред се македонски шампион и тоа според мене му ја носи улгоата на фаворит, но тоа не е толку голема како што била во минатото“ – смета Николиќ.

Анте Назор пак, тренерот на МЗТ Скопје, е свесен за квалитетот на противникот и вели дека доколку се спречат шутевите од далечина на противникот, победата е речиси сигурна.

„Повеќе од сигурно е дека пред нас е исклучително тежок натпревар против силен ривал. Противникот е во одлична форма, за што најдобро говори и нивната серија од шест победи по ред на домашен терен. Ние мораме да бидеме оние вистинските, да имаме одговор за секој предизвик што ќе излоезе пред нас. Кошаркарите на Карпош соколи се опасни, особено од надворешните позиции, што значи дека ќе мора да го сопреме нивниот шут од далечина како и нивното трчање во транзиција. Тренерот направи одлична работа откако дојде во клувот, ја крена екипата и почна да победува. Но истовремено и ние се креваме и одиме кон подобро. Ова е еден од оние натпревари кои едноставно мора да се победат“ – истакна Назор.

Се вчитува...