„Соколите“ на мегдан со „српските Бостон селтикси“

Карпош соколи игра се подобро во АБА-лигата како што одминува времето, но македонскиот претставник сепак ја има улогата на апсолутен аутсајдер на гостувањето во Белград против Партизан. Причините се јасни, домаќините предводени од Александар Џикиќ играат одлична кошарка и заслужено се наоѓаат на второто место на табелата со скор 13-3, додека од друга страна „соколите“ немаат ниту еден единствен триумф на гостински терен сезонава, „црна серија“ што е речиси невозможно да се прекине во домот на Партизан.

Задоволство е да се игра против, како што многумина го нарекуваат, српскиот Бостон селтикс, каде што изникнале голем број европски и светски шампиони и каде работеле големи тренерски имиња. За мене „црно-белите“ се најпријатно изненадување во досегашниот дел од АБА-лигата, па логично е да биде и голем фаворит на овој дуел, поради седумте победи во низа во АБА, но и фактот дека е без пораз на домашен терен сезонава во ова натпреварување. За нас е голема чест што божиќниот натпревар, мечеви кои во САД дефинитивно се меѓу најгледание, го играме против најтрофејниот клуб на овие простори. Тоа автоматски ни наметнува обврска да бидеме на највисоко ниво, да се претставиме во вистинско светло и да се вклопиме во божиќното расположение во белградскиот храм на кошарката“ – изјави Драган Николиќ, шеф на стручниот штаб на Карпош соколи.

Македонскиот претставник ќе биде посилен за Филип Шепа, кој по кратката авантура во Романија се врати во јатото на „соколите“, додека кај Партизан ќе недостига Вања Маринковиќ.

Првиот натпревар меѓу овие два тима во Скопје донесе израмнета кошарка, за белградските „црно-бели“ во самиот финиш да го скршат отпорот на Карпош околи и да стигнат до победа од 77-84.

Се вчитува...