Сонот е исполнет – КК Ангели е дел од елитата

КК Ангели е првиот тим сезонава што од втората лига успеа да се пласира во елитното друштво, награда за 15-те години макотрпна работа за овој клуб конечно да стане дел од Првата лига. Откако пандемијата на коронавирус во претходната сезона на нефер начин ги спречи Ангели да се најдат во „елитата“, тимот од Драчево конечно го осигура своето место меѓу најдобрите клубови во мак-баскетот.

Избраниците на тренерот Ѓеорѓиевски голем дел од сезоната беа без пораз, а потоа блеснаа и кога беше најважно, во полуфиналето добивајќи го Чаир со максимални 2-0, на првиот меч враќајќи се од дваесетина поени негатива.

„Проектот што пред неколку години заедно го почнавме со тренерот Ѓорѓиевски беше на долгорочен план. Првата сезона ја завршиме како лидери на табелата, но во плејофот загубивме од тимот на МЗТ 2. Планот за втората сезона беше уште поамбициозен. Целта беше да направиме костур на тимот кој што може да не однесе на следното ниво и добро почнавме, но на крајот пресуди пандемијата на коронавирус и системот на натпреварување со две групи од по девет екипи. Ние бевме слободни во првото коло, додека екипата на Црн Дрим нешто подоцна. Ние имавме и подобар меѓусебен скор во однос на нив, а на крајот пресудно за тоа што тие изборија пласман во Првата лига пред нас беше тоа што имаа натпревар повеќе од нас со кој на табелата беа место над нас. Оваа сезона бевме фокусирани само на пласман во финалето и изборување на Прва лига, имавме и  добро собрано искуство од претходните сезони и сметам дека сосема заслужено и спортски го остваривме успехот“, го започна својот разговор за ЕКИПА, првиот човек на клубот Благоја Кечовски.

Од сезона во сезона Втората лига добива се поголем квалитет, а на самото тоа укажува овогодишната изедначеност. Ангели се тим кој долго време се обидуваат да стигнат до „елитата“, а тежината на целиот процес најдобро го знае Кечовски.

„Во сезоната 2012/13 имавме шанса да влеземе во Првата лига, но тогаш се се сведе на еден натпревар кој трабаше да го добиеме со повеќе од десет разлика. Доколку направам споредба со таа сезона и таа организација и оваа сезона, тоа се две големи спротивности. Тогаш сите играа без финансиски надомест, на желба и на другарство, но сега во последниве две, три години од кога функционира ваучерот работите се променети. Втората лига е многу квалитетна и сите екипи се со стабилен буџет, а и самото организациско ниво е далеку поголемо. Ваквите инвестирања и ваквите помагања на државата во спортот мислам дека е правилен начин на работа“, додава првиот човек на скопскиот состав.

Ангели изборија место во Првата лига и не мислат да бидат „чудо за една сезона“. Раководството на тимот продолжува да се води според добро подготвениот долгорочен план. Визијата на клубот е промоција на млади играчи, а и покрај тоа што е прерано да се говори за странски заслувања, Ангели ќе целат на квалитет, а не квантитет.

„Се надевам дека овој успех нема да биде за една сезона и прволигашкиот статус ќе го задржиме повеќе години. Нашата визија е промоција на млади талентирани македонски играчи со што Кисела Вода ќе стане еден расадник на таленти. Размислувањата и за странски заслувања се такви што доколку се одлучиме да доведеме некој ќе целиме на доведување на квалитет, а не плејада на играчи кои нема да даваат резултат на терен. Сепак примарната цел ни останува задржување на костурот на екипата“, додаде Кечовски, кој не заборави да им се заблагодари на клубовите кои дозволија дел од своите млади играчи да им помогнат на второлигашите, кои беа од огромна помош кон остварување на целта…

„Сакам во оваа прилика и да им се заблагодарам на клубовите кои ни излегоа во пресрет со играчите на двојна лиценца. Ние оваа сезона имавме двајца играчи до Академија ФМП и по еден од МЗТ и Вардар, кои дадоа огромен придонес во нашиот успех и се надевам дека соработката ќе продолжи“

Еден од најзаслужните за изборувањето на место во „елитата“ беше тренерот Горан Ѓорѓиевски кој пред предизвикот наречен – Ангели, освои се што можеше да се освои со младинските категории на Работнички. Како што вели Ѓорѓиевски, новиот ангажман беше и полн погодок за личните амбиции, а заслугата паѓа и на играчите со кои тренерот соработуваше во таборот на „црвено-белите“.

„По завршувањето на соработката со Работнички барав нов предизвик, а понудата од Ангели ми дојде како „кец на десетка“. Од самиот почеток видов дека овој проект е сериозен и стануваше поамбициозен од година во година. Веќе во втората година бевме блиску до изборување на Прва лига, но оваа сезона дадовме се од себе, а се освен пласман во овој ранг од натпреварувањето за нас ќе беше голем неуспех. Селекцијата на играчи беше таква што целев на тоа да бидат добри другари, да имаат карактер надвор од теренот, а на теренот да бидат професионалци. Играчите кои се со нас на двојна лиценца се добро познати и јас веќе имам успех со нив во младинските категории“, вели популарниот Гокси.

Вложениот труд на младиот стратег се исплатеше, крунисувајќи ја неговата одлична работа во изминатите неколку години.

„Навистина работевме напорно, горд сум на овие играчи, на начинот на кои се залагаа на тренинзите и на натпреварите. Составивме компактна целина, играчи кои сакаат да работат, да напредуваат. Тоа е поентата, младите кошаркари можат да напредуваат само доколку им дадете минутажа, слобода, да им ја зголемите самодовербата. Ние го сторивме токму тоа, создадовме квалитетен колектив во кој сите го знаеја своето место, но и имаа слобода да се докажат“, истакнува Ѓорѓиевски.

Според стратегот на КК Ангели, фактот дека неговиот тим се нашол во потешката група од Втората лига придонел составот од Кисела Вода да одговори на предизвикот кога беше најважно, во полуфиналните пресметки со Чаир.

„Мислам дека оваа сезона Втората лига е најсилна во последниве десет години бидејќи сите со ваучерите направија стабилен буџет и потпишаа добри и платени играчи па затоа и беше многу тешко. Добро ја започнавме сезоната, но имавме мал пад во играта кој брзо го саниравме пред плејофот и дуелите со Тетекс и Чаир 2030 кои беа навистина исцрпувачки. Чаир е одлична екипа, а само нијанси го одлучија полуфиналето. Мислам дека пресуди фактот дека ние бевме во потешката група, одигравме поголем број неизвесни завршници и научивме како да се снајдеме во такви финиши. Како и да е, пласманот во Првата лига е апсолутно заслужен. Се уште немаме решно по кој пат ќе тргнеме, дали ќе се насочиме кон создавање на цела генерација помлади кошаркари што ќе добие шанса да напредува низ играње во Првата лига или ќе составиме поискусен тим со кој би бркале подобри резултати. Одлуката ќе ја донесеме летово по консултациите со раководството на клубот“, заврши тренерот на Ангели.

Се вчитува...