Сопругата на Модриќ ќе го има последниот збор за иднината на Лука

Судбината на Лука Модриќ се уште е една од главните теми во летниот преоден рок, речиси три недели по елиминацијата на Хрватска од Светското првенство.

Поминаа 20 дена откако Хрватска загуби од Португалија во осминафиналето на Светското првенство, но 40-годишниот играч за врска се уште нема донесено одлука за продолжување на кариерата.

Тој има три опции: да остане во Милан и да ја активира клаузулата за уште една сезона, да го промени клубот или да ја заврши својата богата играчка кариера. Како што пренесува шпанскиот „Мундо Депортиво“, Модриќ не сакал да донесе никаква одлука пред крајот на Светското првенство.

На неговиот избор влијаат неколку фактори. Еден од нив е ситуацијата во Милан, каде што во текот на летото дојде до големи промени во раководството, а клубот остана без пласман во Лигата на шампионите.

Сепак, и неговата сопруга Вања Босниќ игра важна улога во целата приказна. Според шпанските медиуми, Вања би била пресреќна семејството да се врати во Мадрид, каде што планираат да живеат откако Лука ќе ја заврши кариерата.

Семејството Модриќ помина повеќе од една деценија во шпанската престолнина, уште од доаѓањето на Лука во Реал Мадрид во 2012 година, а токму таму се родија и нивните ќерки Ема (2013) и Софија (2017).

Враќањето во Мадрид би можело да го доближи Модриќ до Реал, каде што сега се наоѓа Жозе Мурињo, тренерот што своевремено го доведе во клубот од Тотенхем во летото 2012 година.

Се вчитува...