Соседската пресметка секогаш има жар: Вардар и Работнички на мегдан на арената (15 ч.)

Вардар ја загуби шампионската титула, но и понатаму е опасен ривал, посебно кога се работи за соседската пресметка против Работнички. На овие дуели на важат „законитостите“ за добрата форма и значењето на бодовите, туку секогаш мотивите да се победи соседот се во преден план.

„Црвено-црните“ се во слободен пад, не им чинеше тренерот Чедомир Јаневски, но проблемите се многу поголеми и општо познати, па ниту Бобан Бабунски, кој доби задача да го гаси пожарот, барем засега не успева да ја исполни мисијата. Кога нема резултати и пари, тогаш алибито е јасно – ќе се подмладува тимот.

Работнички, од друга страна, не се расфрла со буџетот како Вардар, но знае до каде му е чергата, и си ја планира сезоната според сопствените можности. За „романтичарите“ е успех да излезат во Европа, и затоа е ангажиран Ѓоре Јовановски, како трет стратег оваа сезона, да го извлече максимумот од тимот и да се обиде да го одведе на позицијата веднаш зад Вардар.

Интересно се очекува да биде и на Чаир, каде Шкупи ќе ја пречека Победа. По неколку месеци, Шкупи конечно ќе игра на својот стадион и исто така има амбиции за излез во Европа, наспроти прилепскиот тим кој грчевито се бори за опстанок.

Во Битола, Пелистер ќе го пречека Силекс во слична пресметка. Битолскиот тим нема друг избор освен да атакува на трите бода кои живот му значат, а избраниците на Жикица Тасевски сакаат да го сочуваат третото место на табелата кое им носи сигурен пласман во Лигата на Европа.

На Ренова и на Скопје им „гори под нозе“, па овој дуел во Тетово се очекува да донесе многу борба и неизвесност. Опстанокот е мисија за која не се бираат средства.

Новиот шампион Шкендија ќе гостува кај Академија Пандев. Тренерот Ќатип Османи ќе одмори дел од првотимците кои беа преоптоварени во досегашниот тек од сезоната, но тоа не значи дека и нема да се обиде да освои нови три бода. Академија Пандев ќе го пречека новиот првак со цвеќе, но потоа сигурно дека ќе сака да му го одземе скалпот на фудбалскиот терен.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 30.КОЛО

ВАРДАР – РАБОТНИЧКИ (15 Ч.)

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ШКЕНДИЈА (16 Ч.)

ШКУПИ – ПОБЕДА

РЕНОВА – СКОПЈЕ

ПЕЛИСТЕР – СИЛЕКС 

Се вчитува...