СП бараж: Италија загрижена, Шведска делува моќно пред своја публика

Репрезентацијата на Шведска заслужува максимален респект од нивниот противник во овој бараж, знаејќи дека во својата квалификациска група зад себе ја остави хаотичната селекција на Холандија, но и фактот дека остварија четири домашни победи во циклусот, а меѓу поразените се најде и европскиот вицешампион Франција. Иако ждребот во додатните квалификации не е во нивна полза, Шведска мора да ја искористи предноста играјќи на свој тенер во првиот дуел со „аѕурите“. Селекторот Анредсон е свесен за добрата игра на неговата репрезентација пред своја публика, па смета дека нема простор за грешки.

„Во домашните средби постигнавме 18 погодоци и остваривме четири победи, тоа се податоци кои ни даваат причина за надеж. Напорно работевме во последните денови и со нетрпени го чекаме почетокот на средбата. Знаеме дека одлика на Италијанците е нивната добра и силна одбрана, но ние постигнувавме голови на повеќе начини во текот на квалификациите, па сметам дека и вечерва ќе го најдеме патот до противничката мрежа. Ги анализирав нивните натпревари, и како и сите други селекции, така и Италија има свои предноси и слабости. Борбата ќе се води 180 минути, но вечерва нема простор за грешки, мора да бидеме перфектни“, истакна Андерсон.

По завршувањето на Европското првенство минатата година, Шведска остана без легендарниот Златан Ибрахимовиќ откако реши да се повлече од репрезентацијата, па во ерата по него играта на Швеѓаните се сведува на тимската работа. При селектирање на конечниот состав Андерсон повика 25 фудбалери меѓу кои не се најде дефанзивецот на Менхенгладбах, Оскар Вендт кој пред извесно време стави крај на репрезентативната кариера, но најголем хендикеп за Шведска е отсуството на дефанзивецот Микаел Лустиг. Гледајќи ги досенашните мечеви Шведска на терен треба да излезе во претпознатливата 4-4-2 формација со Берг и Тоивонен во нападот.

Џанпјеро Вентура го превзеде кормилото на Италија позавршувањето на Европското првенство, па првиот негов потег беше да се подмлади составот. Екс-тренерот на Торино им овозможи доста шанси на помладите италијански фудбалери во текот на квалификациите, но вечерва ќе игра на картата искуство. Италија водеше голема борба со Шпанија за првата позиција во групата, но со ремито на домашен терен и поразот во Мадрид на вентура му стана јасно дека ќе мора да го поминтат потешкиот пат до Русија, преку баражот.

„Пред нас се две исклучително тешки средби, во 72 часа ќе го одлучуваме патникот за Русија. Повикав доста фудбалери за да имаат можност да се наметнат во тимот, да помогнат како знаат. Не е најважно со кој состав ќе излеземе на терен, важно е како ќе пристапиме на натпреварот и колкава мотивација ќе имаме во нас за да оствариме позитивен резултат. Во овие моменти не треба да сонуваме, туку фокусот да ни биде само на Шведска и ништо повеќе. Доколку успееме да се пласираме, тогаш можеме да зборуваме за остварување на сонот. Шведска е добро огранизирана репрезентација, физички е многу добро подготвена. Гледајќи го концептот на нивната игра, немаат многу сменето во однос на настапите на ЕП. Можеби го немаат Ибрахимовиќ, но тука е Тоивонен, кој ако има свој ден може да претставува голема закана за нас“, вели Вентура.

Италијанскиот селектор повика дури 27 фудбалери на репрезентативниот собир, а од играчите кои учетвуваа во квалификацискиот циклус за средбите со Шведска нема да конкурираат повредените Пелегрини, Монтоливо и Маркизио. Во текот на неделата италијанските медиуми претпоставуваа дека Вентура ќе пристапи со 3-5-2 формација со Имобиле и Заза во нападот, но бидејќи голгетерот на Валенсија го повреди коленот, за Имобиле поддрша во нападот треба да биде Андреа Белоти.

Најавени состави:

Шведска: Олсен, Крафт, Гранквист, Линделоф, Аугустинсон, Ларсон, Екдал, Јохансон, Форсберг, Берг и Тоивонен.

Италија: Буфон, Барзали, Бонучи, Кјелини, Кандрева, Пароло, Де Роси, Верати, Дармијан, Имобиле и Белоти.

Се вчитува...