СП одбојка: Бразил во финале, Србија ќе се бори за бронза

Одбојкарската репрезентација на Бразил има можност да ги обедини олимписката и светската титула. Шампионот од Игрите во Рио се пласираше во финалето на одбојкарскиот мундијал кој се одржува во Италија. Бразилците во воведната полуфинална пресметка на шампионатот ја совладаа Србија со 3-0 во сетови.

Бразилските репрезентативци беа доминантни во пресметката, постојано одржуваа водство во воведните два сета, првиот го добија со 25-22, вториот со 25-21. Во третиот сет Србија пружи најсилен отпор, но не успеа да го одржи силниот ритам до крајот, а Бразилците ја презедоа контролата и го комплетираа полуфиналниот дуел за само час и половина добивајќи го третиот сет со 25-22.

Бразил за противник во финалето ќе го чека победникот од втората полуфинална пресметка во која вечер ќе се соочат репрезентациите на САД и на Полска. Србија во дуелот за бронзениот медал ќе игра со поразениот од овој меч.

Се вчитува...