Спалети потврди: Емилијано Мартинез сака да дојде во Јувентус

Иднината на Емилијано Мартинез повторно е една од главните теми на летниот преоден рок. Аргентинскиот голман, кој беше еден од клучните играчи на Астон Вила во последните неколку сезони, наводно донел одлука да ја промени средината и да започне ново поглавје во својата кариера.

Според информациите од италијанските медиуми, најсериозен кандидат за неговиот потпис е Јувентус. Клубот од Торино внимателно ја следи ситуацијата и веќе воспоставил контакти околу можен трансфер, а интересот за светскиот шампион со Аргентина станува сè поконкретен.

Заминувањето на Мартинез би било уште еден тежок удар за Астон Вила, која веќе остана без неколку важни фудбалери во овој преоден рок. Јури Тилеманс кариерата ја продолжи во Манчестер Јунајтед во трансфер вреден околу 35 милиони фунти, додека Морган Роџерс се пресели во Челзи во рекордна зделка од 117 милиони фунти.

Иако Мартинез има важечки договор со клубот од Бирмингем до летото 2029 година, тоа не претставува гаранција дека ќе остане на „Вила Парк“. Аргентинецот смета дека е вистински момент за нов предизвик, особено по успешните години во Премиер лигата и со репрезентацијата на Аргентина.

Ова не е првпат неговото име да се поврзува со заминување. И минатото лето постоеја сериозни шпекулации дека ќе ја напушти Астон Вила, а во еден период дури беше оставен и на клупата додека траеја разговорите за можен трансфер. Сепак, тогаш не беше постигнат договор со заинтересираните клубови и Мартинез остана во англискиот тим.

Во меѓувреме, тренерот на Јувентус, Лучано Спалети, за италијанска „Газета дело Спорт“ ја потврди заинтересираноста за аргентинскиот чувар на мрежата, но нагласи дека засега нема простор за избрзани потези.

„Мартинез? Тој е голман кој сака да го промени клубот, а ние сакаме да ја зголемиме конкуренцијата во тимот. Но, во овој момент веќе имаме двајца голмани“, изјави Спалети.

Според „Скај Италија“, Јувентус паралелно разгледува и други решенија за голманската позиција. На врвот на листата се наоѓа јапонскиот репрезентативец Зајон Сузуки, кој настапува за Парма и чија вредност се проценува на околу 30 милиони евра. Меѓу кандидатите останува и голманот на Тотенхем, Гуљелмо Викарио, па раководството на „Старата дама“ не сака целосно да се потпре само на можноста за ангажман на Мартинез.

Се вчитува...