Спас за шпанската Ла Лига: Барса добива пари за Меси, а Реал Мадрид за Мбапе

Финансиската криза на шпанските клубови значително ќе се намали откако беше договорен нов и значително збогатен договор за ТВ-права, во вкупна вредност од 2,7 милијарди евра. Сите детали се веќе договорени, а се очекува само истиот да биде изгласан од Собранието на ЛаЛига, со што секој од клубовите во елитното шпанско фудбалско друштво ќе добие значителна сума со која ќе си ги намали финансиските проблеми кои сериозно се зголемија со коронавирусот.

Во Шпанија од поодамна парите од ТВ-правата не се делат еднакво, па така Барселона ќе добие најмногу, дури 270 милиони евра, додека Реал Мадрид е втор на оваа листа со 261 милион евра. Шпанскиот прволигаш Леванте исто така ќе добие значителна сума, поради која клубот на Енис Барди веќе нема да биде принуден да продаде фудбалери за најмалку 16 милиони евра до крајот на овој преоден рок.

Ваквиот развој на настаните конечно ќе го реши проблемот на Барселона со обезбедување на буџет за платата на Лео Меси. Што се однесува до Реал Мадрид, шпанските медиуми најавуваат дека Флорентино Перез ќе го искористи ова за да го доведе Килијан Мбапе на „Санијаго Бернабеу“. Доколку ПСЖ остане на ставот дека Французинот не е на продажба, „кралевите“ се подготвени уште сега да испратат понуда до Мбапе за тој во јануари да потпише преддоговор, и на 1 јули 2022 година како слободен играч да пристигне во Реал Мадрид.

Се вчитува...