Спасеновски ќе се бори за бронза на Европското првенство во карате

Еден од најдобрите каратисти на Македонија, Петар Спасеновски ќе се бори за бронзениот медал на Европското првенство кое од денеска до недела се одржува во турскиот град Газиантеп.

Македонскиот каратист беше на чекор до финале во категоријата до 84 килограми, но во последната борба беше поразен од големиот фаворит, Хрватот, Енис Гарибовиќ со 3-0. Претходно на патот до полуфиналниот меч, Спасеновски беше подобар од Лука Ретенбахер од Австрија (3-0), Мерис Муховиќ од Босна и Херцеговина (1-0) и Ибањез Сајнц-Торе од Шпанија (3-2).

Тој својот противник за бронзата ќе го добие до крајот на денешниот ден кога ќе бидат борбите во репасажот. Одличен настап имаше и Ангелам Мојсовска во категоријата до 68 килограми кај дамите. Таа минимум го осигура седмото место на Европското првенство, а потоа во репасажот ќе има шанса да избори и борба за бронзен медал.

Се вчитува...