Кошаркарскиот клуб Пелистер официјално ги започна подготовките за новата натпреварувачка сезона 2026/27 во која „зелено-белите“ влегуваат со конкурентен ростер за висок пласман.
На прозивката беа присутните сите новајлии, со исклучок на Американците кои ќе се приклучат од понеделник во Битола. Екипата ќе се подготвува со домашни спаринг партнери, а ќе настапи и на Меморијалниот турнир „Зоран Петковски-Петкото„ на 16 и 17 септември во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.
Екипата сезонава ја предводи искусниот стратег Тане Спасев, кој потпиша едногодишен договор, а негов асистент ќе биде Владимир Николовски.
„Пелистер е клуб со реноме. Уште од моите младински денови брендот значеше во македонската кошарка многу. А и Битола е еден од најубавите градови во Македонија. Овој проект веднаш ми се допадна. Акцентот ќе биде на млади македонски играчи, со само три странци. Мислам дека ќе биде добра средина за работа, млада енергија и се надевам ќе играме убава кошарка за публиката.
Ќе одиграме пријателски натпревари само со македонски екипи, а првиот веќе е закажан за четврти септември. Ќе играме и на меморијален турнир тука во Битола. Горе-долу ќе тестираме со речиси сите екипи од лигата“, изјави Спасев по првата прозивка во новиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
