СПЕКТАКЛ: 11-то октомвриски „мегдан“ од соништата!

Македонија на еден од своите најголеми државни празници со најпосакуваниот фудбалски „мегдан“ низ квалификацискиот циклус за пласман на СП 2022. Пресметката со Германија во 8. коло од Групата Ј вечерва од 20:45 часот на националната арена „Тодор Проески“ како еден вид „шлаг на тортата“ пред финишот на квалификациите.

Ниту најмалку не е потребен посебен мотив за македонските репрезентативци за пресметка со еден од најголемите светски фудбалски колективи. Јасно е дека Германците ја носат фаворитската улога, но јасно е дека постојано ќе ја носат во потсвеста и онаа ноќ од Дуизбург кога Македонија го приреди најголемото изненадување за фудбалска Европа.

„Дали можеме да одиграме идеален меч? Мора да сме на највисоко ниво, од тактичка смисла. Поединечно и тимски. Го респектираме противникот, одличен тим, одлични поединци, но за многу нешта утре ќе се прашува и Македонија. Да, ова ќе биде еден сосема поинаков меч од оној во Диузбург и доколку сакаме да постигнеме нешто, ќе мора да бидеме на највиоко можно ниво“ – вели македонскиот селектор Благоја Милевски.

Македонија до крајот на квалификациите, без разлика на исходот од денешниот дуел, ќе бие битка за второто место во групата. Но, и тоа како бодови од пресметката со Германците ќе бидат значајни пред последните два натпревари во ноември.

„Ние имаме јасна цел и визија. Сме во една нова фаза на создавање на нов лик на репрезентацијата со крајна цел, создавање на тим кој ќе е конкутрентен и за следниот квалификациски циклус за ЕП во Германија 2024. Имаме идеи и цел, како да создадеме конкурентен тим. Имаме на располагање играчи со капацитет кои се способни да ги пренесат идеите на стручниот штаб на терен. Заодоволството кое го гледам кај нив ми дава за право да мислам дека сме на правиот пат. Навивачка поддршка секогаш ни е потребна и е нужна. Постарите играчи им се од помош на помладите, и тоа е голем плус за оваа генерација“ – дополнува Милевски.

А, дека секој во националниот тим се надева на успех потврдува и капитенот Стефан Ристовски.

„Германија е врвот на светскиот фудбал и треба да се одговори со тактичка и физичка дисциплина. За мене секој натпревар е искуство. Спортски е да се надеваш на успех, но секој меч, секој ден е нешто ново. Мора да го заборавиме тоа во Дуизбург. Како искусен играч мора да кажам дека мора да се искористи се што ќе ни се пружи“ – вели Ристовски пред денешниот мегдан на „Тодор Проески“.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022 – ГРУПА Ј (8. коло – 20:45 ч.)

МАКЕДОНИЈА – Германија

Романија – Ерменија

Исланд – Лихтенштајн

Се вчитува...