Заостанатиот натпревар од 20. коло во Првата лига ни носи големо возбудување во СРЦ „Кале“ од 17 часот и 30 минути каде Академија ФМП ќе се обиде да ја осигура последната плеј-оф карта против составот на ТФТ кој мака мачи со повреди. Ситуацијата е јасна, Кожув моментно се наоѓа на осмата позиција, но ФМП би можел да го мине тимот од Гевгелија со триумф денеска, со што составот на Александар Петровиќ би се нашол во разигрувањето за титулата.
ТФТ веќе во дебитантската сезона успеа да го најде своето место меѓу најдобрите осум екипи кои ќе се борат во разигрувањето за титула, но составот на Боро Смилковски се наоѓа во серија од четири порази во низа на домашен терен, дуели во кои „црно-белите“ беа запрени во она што го правеа најдобро во текот на сезоната.
„Пред натпреварите со Еуро Никел, Работнички и МЗТ бевме статистички најдобрата екипа во лигата, а бевме натскокани во последните четири натпревари. Дали тоа се должи на умор или едноставно среќата не беше на наша страна каде што сите оние 50/50 случаи завршија во полза на МЗТ, но апсолутно имаме и технички грешки од аспект на недоволно ‘боксаут’. Најтешко е кога треба да жртвуваш добар ‘боксаут’ за скок во статистика и тоа пробувам да го потенцирам поготово кај младите играчи, но сепак сметам дека имаме време и се ќе биде добро во најбитните моменти“, изјави за ЕКИПА тренерот на ТФТ.
Составот од Тафталиџе на овој дуел нема да може да смета на услугите на Шелман и Зафиров, а неизвесни поради повреди ќе бидат и Николов и Тај Харис, но и покрај тоа во таборот на ТФТ владее позитивна атмосфера и желба за надигрување против Академија ФМП.
„Ќе играме како и на секој натпревар, ќе дадеме се од себе со добра енергија и доза на агресивност. Се надевам дека нема да се осети отсуството на играчите кои ни се повредени и нема да биде недоместливо искуството. ФМП имаше повеќе време да се подготви за натпреварот за разлика од нас што може да биде и добро и лошо. Влезени сме во некој натпреварувачки ритам, но имаме и серија на лоши резултати. Во секој случај овој период го користиме да поставиме некои работи кои ќе значат во решавачките битки кои следат. Темпиравме, темпираме, но може е и време да ја разбиеме лошата серија и да запишеме победа пред борбата за плејоф и Купот“, додава Смилковски.
За разлика од ТФТ доколку Академија ФМП сака да го најде своето место во плејофот денеска нема место за грешка. „Академиците“ на овој дуел влегуваат со доза на почит кон противникот, но како што вели тренерот на составот од Кисела Вода треба да се даде се во натпреварот „да се биде или не“.
„Многу важен натпревар за нас, ‘да се биде или не’ дуел кој ќе биде и круна на оваа сезона. Според многу работи во текот на сезоната мислам и дека заслуживме да се најдеме во првите осум, но тоа е што е. Одиме на победа и денеска. Играме против најпријатното изненадување во сезоната, екипа која покажа дека игра добра кошарка и во БИБЛ и во нашата лига па сигурно е дека нивните победи не се случајни. Станува збор за една екипа со добри напаѓачи, добра атмосфера и добро организиран клуб па очекувам тежок натпревар, но и дека моите момци ќе дадат се од себе и дека ќе славиме“, изјави за ЕКИПА, Александар Петорвиќ.
Академија ФМП славеше убедливо во првиот натпревар помеѓу овие екипи, а „рецептот“ за победа, ФМП ќе го искористи и денеска.
„Им ги знаеме предностите и недостатоците, ние и одиграме еден добар натпревар против нив на почетокот на сезоната. Како и секој тим и тие имаат маани, но мислам дека ќе слави тимот кој повеќе ќе се залага и кој ќе даде полесни поени. Пред се треба да го неутрализираме нивниот дефанзивен скок и нивната одлична транзиција. Ако во тоа успееме мислам дека ќе бидеме на добар пат да победиме. Во одбраната играат со зонски пресинг и зонска одбрана која често ја менуваат, но доста работевме на тоа па мислам дека ќе успееме да се прилагодиме на таа промена на одбраните. Очекувам добар натпревар и секако победа. Ќе биде тешко, но немаме што да изгубиме“, додава искусниот стратег.
Покрај овој дуел на истото место, но со почеток од 15 часот ќе биде одигран и натпреварот помеѓу Работнички и МЗТ Скопје 2, кој за нашиот најтрофеен клуб ќе биде добра шанса за избивање на втората позиција на табелата, додека за младите „штркчиња“ ќе биде последен натпревар пред борбата за опстанок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА