Специја го најде лекот за Аталанта

Аталанта загуби нови бодови во трката за врвот на Калчо-лигата откако тимот од Бергамо вечерва ремизираше на гостувањето против Специја. Новиот прволигаш одигра максимално дисциплинирано во одбраната, успевајќи да го исфрли од ритам нападот на Аталанта кој вообичаено делува атомски, но денеска беше безопасен во долги периоди од натпреварот.

Дуван Запата беше главна фигура на овој натпревар, голгетерот на Аталанта во првото полувреме го погоди дирекот, а во второто конечно успеа да го најде патот до мрежата, но неговиот гол беше поништен со ВАР поради офсајд.

Аталанта имаше уште две одлични шанси во последните пет минути од натпреварот, но Марио Пашалиќ беше трагичар  откако голманот Проведел ги одбрани неговите удари. Тимот од Бергамо со ова реми остана на петтото место на табелата со 14 бода, три помалку (и натпревар повеќе) во однос на лидерот Милан.

Се вчитува...