Според Шкендија, судиите се виновни што не може да дојдат до победа

Според Шкендија, македонските судии се една од причините за лошиот старт на сезоната на тимот кој никако не може да дојде до победа по почетните три кола. Но, тетовци ова лето не успеаја да слават и на европската сцена каде имаа очајни изданија.

Актуелниот македонски фудбалски шампион на стартот од сезоната има ремија на гостувањата кај Тиквеш (0-0) и Брегалница (3-3), а загуби дома од Ренова (1-2).

Како што потенцираат во соопштението до јавноста, не сакаат да бараат алиби но судењето најчесто било на нивна штета, пред се во делот на одолговлекувањето на играта од страна на противничките фудбалери.

РЕАКЦИЈАТА НА ФК ШКЕНДИЈА ВИ ЈА ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Шкендија реагира на катастрофалното судење на првите три кола на ПМФЛ. Сметаме дека сме оштетени со грешките на судиите, како и од одолговлекувањето на играта и константното лежење на противничките играчи во теренот. Без да бараме алиби за резултатите, неопходно е да потенцираме дека катастрофалните грешки на судиите директно влијаеле на финалниот резултат. Судиите истотака имале различни критериуми и двојни стандарди при делењето на правдата, притоа не превземајќи ништо за да го спречат константното одолговлекување на играта, лежењето на играчите во теренот после секој минимален контакт, како и многу други прекини кои судиите не ги казниле.

Одолговлекувањето на играта и лежењето на противничките играчи на терен најмногу беше евидентно на натпреварот на гости против Тиквеш, каде фудбал се играше само 60 минути. На натпреварот против Тиквеш, во 77. минута Шкендија дојде во предност од 0-1, но помошникот го поништи голот поради офсајд, иако стануваше збор за автогол. Треба да се наведе дека главниот судија го призна голот, но само тој знае зошто потоа се предомисли и одлучи да го поништи голот.

На натпреварот против Ренова во Тетово, при вториот гол на Ренова, во 48. минута противничкиот играч направи фаул подигнувајќи ја ногата над главата на Дашмир Елези, судијата дозволи да продолжи играта и во истата акција Ренова даде гол. Поради ова, сметаме дека грешката на судијата влијаеше на крајниот епилог на натпреварот.

Одолговлекувањето на играта беше евидентно и на натпреварот против Ренова во Тетово, каде исто така сметаме дека фудбал не се играше 90 минути. Противничките играчи константно лежеа на терен, додека судијата Јован Качевски ниту еднаш не одлучи да превзема мерки против одолговлекувањето на играта.

Истиот судија Јован Качевски ја делеше правдата и на натпреварот во Штип против Брегалница. Се играше 31. минута кога после асистенцијата на Тимовски, Валмир Нафиу се најде на акција пред противничкиот голман со 100% шанса за гол. Замислете, противничкиот голман излезе од својот шеснаесетник и директно направи прекршок над Нафиу. И кога сите очекуваа црвен картон за голманот, судијата го санкционираше само со жолт картон. Овој е истиот тој судија кој во претходното коло без причина му даде црвен картон на помошниот тренер на Шкендија. Ако судијата смета дека оваа ситуација не е за црвен картон, тогаш требаше да дозволи да се продолжи играта, а не да суди прекршок. Затоа сметаме дека судијата Качевски има двојни стандарди во текот на судењето. Го прашуваме судијата дали некогаш гледал фудбалски натпревар од најсилните европски лиги, и да види како одлучуваат судиите при овие ситуации?!

Исто така на натпреварот против Брегалница, Бруно Дита во 36. минута после една соло акција е фаулиран од страна на противничката одбрана внатре во шеснаесетникот, но судијата не досуди пенал. Додека во две други ситуации, над Дориев и Нафиу се направени прекршоци со удари во лице, но судијата не само што не ги казни противничките играчи со жолт картон, туку не досуди ниту прекршок.

Шкендија очекува во иднина да не се повторат овие грешки и судиите да не бидат главните актери на натпреварите, не влијаејќи на финалниот резултат. Сето ова со намера да се подигне квалитетот на фудбалот во нашата лига.

Се вчитува...