Спорт од дома: Tурнир во Counter Strike во организација на Македонската Еспорт Федерација

Македонската Еспорт Федерација ќе организира турнири во 3 е-спорт дисциплини, продолжувајќи ги своите активности и во време на епидемија и ограничување на движењето и работењето. Учесниците ќе се натпреваруваат во Counter Strike: Global Offensive, League Of Legends и ProEvolution Soccer 2020.

Натпреварите ќе се играат на 4. и 5. мај 2020 за тимските игри и на 7. мај за PES 2020.

Победниците на турнирот организиран од МеСФ под мотото #StayHome ќе учестуваат на првиот Европски Куп на Нации, кој ќе започне на Денот на Европа – 9ти мај 2020!

За наградите на овој турнир ќе се погрижи @anhoch, со вредносни ваучери за топ 3 тимовите! За првата титула шампион на Европа, наши партнери и противници ќе бидат Португалија, Чешка, Србија, Словачка, Белгија, Израел, Белорусија, Унгарија, Србија, Украина и Грузија.

Светската Здравствена организација препорача да се играат игри за време на пандемијата, но препораките се во насока на умерено играње. Федерацијата секогаш предупредува дека вкупното време кое се минува пред компјутер да биде посветено на физичка активност. Исто така, правилните тренинзи и обуката може да донесат подобри резултати отколку неконтролираното играње со часови без прекин.

Во овој двомесечен период, Еспортот е единствен спорт кој активно се одвива и се повеќе се практикува.

Македонската Еспорт Федерација е формирана 2009-та година и е членка на Меѓународната Еспорт Федерација, на Европската Еспорт Федерација и на Светскиот конзорциум за Еспорт. Досега македонските учесници биле дел од 10 светски првенства и веќе петта година се организира Национална Еспорт Лига.

Се вчитува...