Спортистите никогаш не се предаваат, ќе те победиме Ковид-19… Ти ветувам

А, да ја суспендираме 2020 година? Веројатно тоа му поминало низ главата на секој човек. Тешко е кога во само три месеци треба да напишеш повеќе текстови за загуби, болести и смрт, отколку за победи и радости. Дејвид Штерн, Коби Брајант, Буштур… И кога мислиш дека веќе си на крај на зимата, која требала да биде црниот и мрачен период од годината, се случува нов удар. Наместо во пролетта што ни следува да прогласуваме шампиони, да навиваме за победи, да го славиме животот, ние мораме да се избориме со најтешката борба, таа со Ковид-19.

—————————————————————————————————————————————–Дванаесетти март ќе биде денот кога спортот го доживеа најголемиот удар, а со тоа удар доживеа и човештвото. Сите првенства беа суспендирани, турнирите во различни спортови ширум светот откажани. Не дека без спорт не се може, туку дека тој е двигател на светот. Нема спорт, нема живот, а тоа може да се види овие неколку дена. Европа и светот се во карантин, ништо не функционира, едноставно нема забава.  Не можеме да се радуваме на победите на нашите тимови, на шампионските титули, не можеме ниту да плачеме на поразите. Кога ќе сфатите дека спортисти како Меси, Роналдо, Ѓоковиќ, Федерер, Надал, Серена, Ледеки, Шифрин… Луѓе кои покрај тоа што се спортисти, се и најголеми амбасадори на поп-културата, се спречени да ја покажат својата големина, тогаш сфаќате дека Земјата не е местото на кое што сте навикнати да живеете.

Некои навики не се менуваат. Но, сега ќе мораме да се помириме дека тоа одреден период нема да биде така. Нема седење до 5 „сабајле“ поради НБА, нема гледање фудбали преку викенд. Нема „откачување“ на девојката поради пиво со другарите во вечер на Лига на шампиони, бидејќи, нели, приоритети се во прашање. Веројатно ќе останеме и без Европско првенство летово. Но, животот продолжува. Како и многу други работи така и спортските навики се менуваат. Ќе ги промениме, месец, можеби и два, но сега прва и најважна навика треба да ни биде да го заштитиме здравјето, а потоа ќе мислиме на се.

—————————————————————————————————————————————-

Спортистите се посебен тип на луѓе. Родени победници кои што ниту една работа не може да ги поколеба да стигнат до целта. Луѓе што четири години напорно работеле да стигнат до најголемиот спорстки собир, Олимписките игри, па сигурно нема да ги уништи ниту еден опасен вирус. Работата е и повеќе од тешка и сериозна, но спортистите се посилни од се. Ќе го надминеме ова сите заедно, а тие повторно за сите нас, животот барем за момент ќе го направат полесен и поубав. Стадионите и салите повторно ќе бидат полни, а наместо за Ковид-19, сите ќе зборуваме за ривалства и врвни резултати.

Злото ќе го пребродиме заедно. Олимпискиот оган ќе биде запален летово во Токио. Неговото палење ќе донесе нова надеж на планетата Земја, а веројтно и ново раѓање. Сите заедно ќе победиме во најтешката битка. Спортистите никогаш не се предаваат, ќе победат…!

А дотогаш сите да останеме дома, да се чуваме и најважно да се сакаме…

СЕГА ЉУБОВТА Е ПОТРЕБНА ПОВЕЌЕ ОД БИЛО КОГА! 

Се вчитува...