Спортската сала „Младост“ во Битола ќе го носи името на Боро Чурлевски

Ракометниот храм, салата „Младост“ во Битола ќе биде преименувана во „Боро Чурлевски“ во чест на битолската и македонска ракометна легенда. Советот на Општина Битола денеска едногласно ја изгласа иницијативата покрената од Комисијата за спорт.

Боро Чурлевски долги години го носеше дресот на Пелистер и на македонската репрезентација, почина во 2014 година на 49-годишна возраст. Со Пелистер три пати ја освои вицешампионската титула во поранешна Југославија во периодот од 1984 до 1990 година. Беше дел од репрезентацијата на поранешна Југославија со која освои бронзен медал на СП 1987 во Романија, а беше и дел од првиот состав на репрезентацијата на Македонија со која настапи на ЕП 1998 во Италија и на СП 1999 во Египет.

Тренерската кариера ја почна во Пелистер, а потоа од клупата ги предводеше и Килкис, Кастриоти, Беса и Патра. Неговиот последен ангажман беше тренер на РК Прилеп.

Во негова чест востановен е и меморијален турнир „Боро Чурлевски“ што ќе се одржи во Битола од 30 август до 2 септември.

Се вчитува...