СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Блаже Конески одигра реми со велемајсторот Матановиќ

Академикот Конески играше на првото екипно шаховско првенство на Југославија во Скопје 1946 година и беше прв претседател на Шаховскиот сојуз на Македонија 1948 година

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Прелистувајќи ја книгата за првите екипни шаховски првенства на Југославија во потрага по првите шахисти од Македонија најдовме едно интересно име што ни го привлече вниманието. Блаже Конески, подоцна академик и претседател на МАНУ, писател, основоположник на македонскиот литературен јазик, врвен лингвист,човек кој остави длабоки и неизбришливи траги во македонската литература. Голема македонска величина и легенда.

Токму името на Блаже Конески не потикна да тргнеме по трагите на оваа информација. Блаже Конески беше голем љубител на шахот и настапил на првиот екипен шампионат на Југославија, веднаш по ослободувањето што се одржал во Скопје во далечната 1946 година. Играл за екипата на Работнички во полуфиналето против Црвена звезда од Белград. Настапил на шестата табла. И тоа против Александар Матановиќ, подоцна велемајстор и еден од најдобрите југословенски шахисти. Мечот завршил со реми, а Работнички загубил со 6:2 и не успеал да се пласира во финалето.

За Работнички покрај Конески играле и Павле Бидев, Ѓорѓи Полјаков, Јован Зографски, Стевче Илиевски, Никола Воденичарски, Виктор Залевски, Леон Ајдиновски. Мечот се играше во една просторија на ресторанот на денешниот Пелистер.

– Се сеќавам дека партијата меѓу Конески и Матановиќ заврши последна. Не знам колку време се играше, игравме без шаховски часовници, но се запишуваа потезите. Мечот бил навистина интересен, доколку некој ги поседува потезите или ги има во некоја архива, добро би било да се потсетиме на нив, беше тоа жестока борба. На крајот Матановиќ беше тој кој прв му ја подаде раката на Конески предложувајќи му реми, што беше прифатено.

-Подоцна Матановиќ стана врвен велемајстор, додека Конески повеќе беше вљубен во литературата и својата писателска работа но често навраќаше во просторијата каде се играше шах. Никогаш не одиграв ниту една партија со него, но сакав да го гледам како игра бидејќи беше мошне талентиран, знаеше да повлече неочекувани потези и да го изненади противникот. Доколку целосно му се посветеше на шахот, сигурно ќе беше барем интернационален мајстор, ако не и велемајсор, но настапот во полуфиналето на Југославија беше негов прв и последен официјален настап на едно напреварување, ни раскажуваше пред да почине, Стевче Илиевски, кој играше во тоа полуфинале на четвртата табла и беше поразен од Трајковиќ.

Поради неговата голема љубов кон шахот, во педесеттите години, поточно 1948 година Блаже Конески беше избран на изборното собрание за прв претседател на Шаховскиот сојуз на Македонија. Според кажувањата на постарите љубители на шахот во Скопје бил многу ревносен како претседател, но поради обврските на факултетот и писателската дејност, по неколку години на претседателската функција, се повлекол и функцијата му ја предал на адвокатот Димитар Цибрев, потоа како трет претседател беше избран Пенко Зравковски.

По повод јубилејот, 50 години на Шаховскиот сојуз на Македонија на свечената седница, на Блаже Конески му беше доделена златна плакета како прв претседател. Плакетата денес се наоѓа во неговата спомен куќа во Небрегово.

Но да се вратиме на тие први денови на шаховската активност во Скопје и како беше составен клубот Работнички за тој полуфинален меч за екипното првенство на Југославија. Сигурно само најстарите љубители на шахот се сеќаваат дека во тоа време во Скопје се играше шах во една просторија која се наоѓаше во приземје во денешната Градска болница, тогаш во неа се наоѓаше Заводот за осигурување на работниците. Тука се собираа шахистите од градот поредводени од Павле Бидев, прв македонски шахист со титулата мајстор, повеќекратен шампион на Македонија и Ѓорѓи Полјаков, кој извлече реми 1938 година по симултанката што ја има одиграно во Скопје светскиот првак, легендарниот Алјехин. Кога била донесена одлука првиот екипен шампионат на Југославија да се одигра во Скопје 1946 година, се појавила дилемата под кое име да се настапи. Со оглед дека во Железничкото друштво Работнички постоела шаховска секција, сите играчи добиле книшки како негови членови за да можат да играат на мечот со Црвена звезда. Главен организатор бил Јордан Ивановски, кој беше шеф на архивата на тогашниог Извршен совет. Тој го одредил составот на екипата и бил главен судија на полуфиналниот меч.

Интересен е уште еден податок за Блаже Конески, кој често играл шах со својот комшија, познатиот лингвист, денес претседател на фондацијата „Блаже Конески“ Трајко Стаматов.

-И јас едно време бев шаховски функционер, претседател на ШК Студент, го следев шахот и сите настани поврзани со него, се сеќава денес Стаматов. Ја имав таа привилегија, како комшија и близок пријател на Конески, со оглед дека неговиот фах, македонскиот литературен јазик беше и мој, често да играме. Играше навистина добро, знаеше да ме изненади со некои неочекувани потези. Одигравме многу партии, денес тешко можам да речам каков беше нашиот меѓусебен биланс. Многу години минаа од тоа време, кога со кафе игравме на терасите кај мене или кај него, до доцна во ноќта. Беше шаховски самоук, не играше на турнири за да ја одржува формата и да се усовршува. Литературата сепак беше посилната љубов за него од шахот.

Се вчитува...