СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Кузман Сотировиќ, прв фудбалски репрезентативец и олимпиец од Македонија

Овој фудбалер од гостиварското село Стенче играше за белградски БСК пред Втората светска војна и настапи за репрезентацијата на Југославија против Романија на 6 мај и на Олимпијадата во Амстердам на 29 мај 1928 година

Пишува:Миодраг Мицковиќ

По малку неверојатна приказна, но сепак вистината. Кирил Симоновски-Џина, кого го сметаат за најдобар фудбалер на Македонија на сите времиња, сепак не е прв репрезентативец од Македонија, кој уште во далечната 1946 година настапил за Југославија на првиот официјален меч против Чехословачка во Прага. На тој натпревар Југославија победила со 2:0, а Симоновски бил и прв капитен, не само како Македонец туку и прв на југословенската репрезентација по втората светска војна.

Многу пати досега е напишано дека Благоја Видиниќ, одличниот голман на Вардар, потоа на Раднички од Белград и францускиот прволигаш Сион е прв спортист од Македонија кој настапил на Олимписките игри.

Дека Кирил Симоновски е прв капитен на една југословенска репрезентација од Македонија не е спорно. Не спорно и дека Видиниќ е прв Македонец кој на олимписките игри има освоено медал и тоа златен на Олимпијадата во Рим 1960 година кога Југославија ја победи во финалето Данска со 3:1.

Меѓутоа по долго истражување, листајќи ги веќе пожолтените страници на многуте весници, особено на белградските „Политика“ и „Време“, на неколкуте постари фудбалски меморијални изданија, успеавме да го пронајдеме првиот Македонец, фудбалски репрезентативец и олимпиец на поранешна Југославија. Дознавме дека станува збор за човек од гостиварското село Стенче, кој беше тотално непознат за љубителите на фудбалот во Македонија, особено за помладата генерација родена по Втората светска војна, па и постарата, бидејќи играл во далечните триесети години за познатиот белградски клуб БСК.

Тоа е Кузман Сотировиќ, кој со неполни осум години, заедно со својот татко Иван заминал на гурбет во Белград, каде што поседувале позната фурна. Кога Томе Николовски, кој долго години беше потпретседател на Меѓународната комисија на ФСЈ ни посочи дека според неговото сознание Кузман Сотировиќ бил роден во селото Стенче и дека имал пет настапи за репрезентацијата на Југославија во периодот од 1928 до 1931 година тргнавме да го провериме овој мошне интересен, досега необјавен податок за овој непознат фудбалер на терените во Македонија.

Постарите жители на Стенче се сеќаваат на семејството Сотировиќ, кои уште во 1913 година се отселиле за Белград и Букурешт бидејќи биле познати фурнаџии и повеќе не се вратиле во Стенче, каде што се уште живеат нивни подалечни роднини и имаат малку ниви.

По посетата на Стенче дознавме дека семејството Сотировиќ биле четворица браќа, дека еден од синовите играл фудбал во Белград и дека татко му Иван во тоа време подарил комплет дресови на селскиот клуб „Црна Стрела“ еден од најстарите во Македонија, постар и од Љуботен, кој се разбира, денес не постои.
И потоа, почна нашето истражување за фудбалската кариера на Кузман Сотировиќ. Во книгата „Пет децени на фудбалските првенства на Југославија најдовме повеќе податоци за Кузман Сотировиќ, еден од најдобрите фудбалери на белградски БСК. Во сезоната 1927 година кога сплитски Хајдук бил шампион на Југославија, БСК го освоил второто место, а Сотировиќ бил голгетер на лигата со 6 гола. Играл заедно со познатите репрезентатици на тогашна Југославија Моша Марјановиќ, Тирнаниќ, Арсениевиќ, Драгичевиќ…

За БСК дебитирал на мечот против клубот Југославија /2:1/ 1927 година за првенството на „Белградски лоптачки потсојуз“.

Го пронајдовме и тој состав: Григориевиќ, Митровиќ, Родин, Арсениевиќ, Марјановиќ, Перцл, Сотировиќ, Драгичевиќ, Најденовиќ, Маринковиќ, Ѓорѓевиќ.

Првиот гол за БСК го постигнал на мечот против клубот Сокол /3:0/, а потоа дури 4 гола на средбата со Славија /11:1/. Во дресот на БСК Сотировиќ освен против најдобрите клубови во Југославија има играно и против Ираклис, Олимпијакос, Панатенаикос, Ференцварош ,Ујпешт Дожа..
Добрите игри за БСК биле причината да биде повикан и за репрезентацијата на Југославија за која дебитираше со двата постигнати гола на мечот со Романија во Белград /3:1/ 1928 година.

Југославија играла во состав: Шифлиш, Ивковиќ, Спасоевиќ, Арсениевиќ, Маринковиќ, Ѓорѓевиќ, Марјановиќ, Јовановиќ, Сотировиќ, Драгичевиќ, Најденовиќ.
По овој меч Сотировиќ за Југославија настапил на олимпискиот турнир во Амстердам на 29 мај 1928 година кога беше поразена од Португалија со 2:1. На оваа Олимпијада се играше на испаѓање и тоа бече крај на олимписките игри.

Сотировиќ одиграл уште три средби за Југославија со три порази. Против Чехословачка на 28 октомви 1928 година /1:7/ и на Балканскиот куп 1931 година против Турција /0:2/ и Бугарија /2:3/.

Сотировиќ настапувал и за репрезентацијата на Белград во Средноевропски куп.

Доста податоци за Сотировиќ и неговите настапи за белградските клубови пронајдовме и во најновата книга на еден од најпознатите историчари на физичката култура во Македонија, професорот д-р. Душан Станимировиќ „Кузман Сотировиќ, олимпиец и голгетер“, кој вложил многу време и труд барајќи податоци за овој фудбалер.

За БСК во сезоните 1927 и 1928 година Сотировиќ има одиграно 63 натпревари, постигнал 52 гола.

По еден инцидент кога бил исклучен, според пишувањето на весникот „Време“ Сотировиќ го сменил дресот, ја започнал кариерата за вториот белградски клуб Сокол, за кој настапил на 19 натпревари, постигнувајќи 5 гола.

По настапите за репрезентацијата на Југославија и БСК круна на кариерата на Сотировиќ беа настапите за сплитски Хајдук на турнејата во Јужна Америка, повикан како специјален гостин да ги засили редовите на популарните сплитски бели, еден од најдобрите југословенски клубови во тоа време чиј тренер беше познатиот Лука Калитерна.

На турнејата во Јужна Америка со најдобрите клубови од Јамајка, Чиле, Перу и Аргентина Сотировиќ во белиот дрес има одиграно 11 средби, постигнувајќи 5 гола.

Хајдук играше во состав: Чулиќ, Лукиќ, Микачиќ, Марушиќ, В.Подује, Гусина, Ш.Подује, Лемешиќ, Сотировиќ, Крагиќ, Павелиќ.

За Јужна Америка се патуваше со брод, турнејата започна на 12 јануари од пристаништето Лас Палмас во Шпанија, заврши на 8 маj 1931 година.

До крајот на својата кариера Сотировиќ има играно повторно за БСК, за Јединство од Белград, има потпишано за француски Монпелје, но мораше да паузира една година и нема одиграно ниту еден меч. Трагата му се губи 1936 година, пронајдоме податок дека починал во Париз, но по неговата желба посмртните останки му се пренесени во Белград каде се погребани на новите гробишта. Интересен е уште еден податок. Покрај неговото презиме, во весниците секогаш стоеше прекарот Чокалија.

Се вчитува...