СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Од формирањето на клупата на Победа седеа 50 тренери

Меѓу најпознатите имиња беа Моша Марјановиќ, Никола Радовиќ, Јанко Звекановиќ, Илија Димовски, Александар Петаковиќ, Драган Канатларовски, Мирсад Јонуз, Кирил Дојчиновски…

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Во богатата историја на фудбалскиот клуб Победа од Прилеп од 1945 година, кога неколку години го носеше името „Гоце Делчев“ , па потоа од 1950 откако го доби денешното име, на клупата на еден од најпопуларните клубови во Македонија седеа 50 тренери од кои 20 беа од поранешни југословенски републики.
Слободно можеме да напишеме дека во Победа работеа многу познати тренери од поранешна Југославија, единствено Вардар имаше позвучни тренерски имиња, но попознати од Пелистер, Работнички, Брегалница, Беласица…

Но да почнеме да се потсетуваме на тие тренерски имиња. Прв тренер на Победа, тогашниот „Гоце Делчев“ беше Методија Јованоски но за него нема многу податоци во ексклузивната монографија што ја издаде клубот „Од Гоце Делчев до Победа“. Официјално, прв тренер под новото име Победа беше Кирил Крстески , кој ја тренираше во 1950 година.

Прв тренер „странец“ беше Никола Новаковиќ, кој во тоа време 1952 година дојде од Белград за да помогне во стручната работа со играчите на Победа. Не остана долго, го замени Милорад Илиќ-Бела, поранешниот играч на Мачва од Шабац и белградски БСК, кој остави многу добар впечаток во Прилеп, на кого и денес се сеќаваат постарите љубители на фудбалот градот под „ Марковите кули.“

Потоа во Прилеп почнаа да доаѓаат многу познати тренерски имиња. Едно од најпознатите беше легендарниот поранешен југословенски репрезентативец Благоја Марјановиќ-Моша кој имаше 57 настапи за Југославија. За помладите наши читатели интересно е да се напише дека тој во Прилеп допатува директно од Торино, каде што едно време беше тренер на истоимениот италијански калчо лигаш.

На тој список на тренери на Победа надвор од Македонија беа Јанко Звекановиќ, Живко Попадиќ, Ѓорѓе Качунковиќ, поранешниот бек на Црвена Звезда Василие Шијаковиќ, Радоица Радојчиќ, Илија Тојагиќ, Радосав Гвозденовиќ, репрезентативецот на Југославија Александар Петаковиќ, со 19 настапи, играч на Црвена звезда, темпераментниот Никола Радовиќ од тогашниот Титоград, кој беше миленикот на прилепските навивачи. Неговото шоу за време на секој меч на Победа во Прилеп беше незаборавно.

Победа ја тренираше со многу успех и Лазар Плачков поранешниот играч на Вардар, на нејзиното кормило беше и познатиот двоец, кој го тренираше и Вардар, Хуго Рушевљанин и Фрањо Пазмањ. Рушевљанин се водеше како директор на клубот, но тој беше главен на клупата на Победа. Кога Македонија стана самостојна 1992 година, прв странски тренер кој ја водеше Победа беше Петар Курчубиќ.

Кога се во прашање тренерите од „странство“, куриозитет е Србољуб Маркушевиќ, поранешниот играч на Сараево. Тој беше тренер на Победа само еден ден, ја водеше на еден меч и наредниот ден, без збогум го напушти Прилеп. Зошто го направи овој потег, остана неразјаснето, но во аналите на клубот остана запишан како тренер со најкус стаж, само еден ден.

Победа ја имаат тренирано и повеќе нејзини поранешни фудбалери почнувајќи од Александар Стојановиќ во 1952 година, потоа триото што работеше заедно, Ристо Тренкоски, Борис Динкароски и Никола Цицоски, па Кирил Анески, Методија Крстески, Бранко Петкоски и Тоци Геориев.
Во Прилеп беа тренери и Часлав Божиновски, Наќо Тотовски од Кавадарци, Илија Игњатовски, подоцна генерален секретар на Фудбалскиот сојуз на Македонија, Стојан Богоевски-Гајда, прв тренер од Македонија кој работел во странство-во Турција.

Во самостојна Македонија, кога Победа играше во Европа во Купот на УЕФА, Интертото купот и во квалификациите за Лигата на шампионите осум тренери беа на нејзината клупа. Тоа беа познати тренерски имиња од Македонија. Драган Канатларовски, селектор на нашата репрезентација во два мандати, кој на двапати беше тренер на прилепчаните, потоа исто така поранешните селектори Никола Илиевски-Џиџи, Мирсад Јонуз, Кирил Дојчиновски, Зоран Смилевски, кој беше селектор на нашата млада репрезентација, Илија Димоски , Неџат Хусеин па до Драган Христовски, кого го замени Петар Курчубиќ во 2005 година.
Се до 2009 година тренер на Победа беше Николче Здравески, по неговото заминување, дојде Србинот Небојша Петровиќ, не долго, му го препушти местото на Горан Тодоровски.

И потоа дојдоа оние црни денови кога Победа од страна на Дисциплинската комисија на УЕФА , како што пишуваше во образложението на казната, поради лажирањето на мечот со Пјуник од Ерменија во Скопје во квалификациите за Лига на шампионите беше исфрлена од Првата лига на Македонија и осум години да не игра ниту во една лига, дури и во најниската. Но сепак Победа не згасна како клуб. Во Општинската лига на Прилеп играше како Победа Викторија, Победа Јуниор, Победа Прилеп и чекор по чекор се пробиваше кон повисок ранг, за да успее последниве две години од Третата лига-југ да се пласира и игра во Втората лига-исток со мошне слаби резултати , далеку од репутацијата што некогаш го имаше клубот и прилепскиот фудбал.

Во последните десет години на нејзиното кормило се сменија осум тренери, некои од нив си заминуваа и одново се враќаа. Почна со Кирил Овезоски и Златко Петрески, потоа со Јане Николоски и Дарко Крстески, за да дојде битолчанецот Зоран Штерјовски, но не остана долго. Него го заменија двајца тренери од странство, Црногорецот Славољуб Бубања и Србинот Слободан Крчмаревиќ, кои не се прославија со резултатите. Последнава година нови промени, најпрвин Тони Мегленски, за да одново се врати тренерот Дарко Крстески кој е актуелен тренер во паузата на првенството поради корона вирусот

Тоа е тоа, еден куп познати тренери кога Победа беше „име и презиме“ во македонскиот фудбал, и денес кога е далеку од тоа. Можеби во плејадата на толку многу тренерски имиња сме заборавиле некое име, тука се нашите читатели да не потсетат, за да го комплетираме списокот.

Се вчитува...