СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Поради фудбалот цело Кочани остана без струја

Првиот и единствен ноќен натпревар во Кочани е одигран на Петровден 1949 година

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Многумина постари љубители на фудбалот во Кочани сигурно се сеќаваат на првиот и единствен ноќен натпревар кој е одигран во нивниот град. Тоа беше во далечната 1949 година, на 12 јули на Петровден, меѓу ФД Македонија и 11 Октомври од Куманово.

Мечот е одигран на новото игралиште, изградено веднаш по Втората светска војна во денешната населба Старо игралиште. Подготовките за овој натпревар беа долги и тешки, луѓето кои сакаа да го организираат немаа искуство за тоа, но и немаше соодветни услови.

Требаше да се постават повеќе бандери околу игралиштето, да се постават и монтираат на нив „рефлектори“ од лимени канти, да се инсталира електрична мрежа со напон од 220 волти поради што таа вечер речиси целото Кочани остана без струја.

На големо разочарување на гледачите и раководството на ФД Македонија гостите од Куманово, екипата на 11 Октомври со која беше закажан натпреварот ја немаше во времето кога требаше да започне мечот. За да се спаси ситуацијата, набрзина беше повикана екипата на Слога од Виница која веднаш допатувала и средбата можела да почне. Но по десетина минути од почетокот, сепак во Кочани пристигнале фудбалерите на 11 Октомври кои доцнеле поради дефект на автобусот.

Натпреварот со Слога бил прекинат, продолжил со гостите од Куманово. Се играше со топка обоена со бела боја, но сепак светлото не било толку силно и гледачите немаа добар преглед да ја следат играта од еден до друг гол. Победи екипата на Македонија со 4:3 во една интересна, но не и многу убава игра. Познат е и составот на Македонија од тој меч: Максимов, Стојанов, Веселинов, Јорданов, Пикалски/Коцев/, Абазов, Христов/учителот/, Љ.Алексисев, Димитров /Ефката/, Божинов, Ибраимов, Кузмановски, Симеонов. Кој ги постигнал головите за Македонија никаде не е запишано. Не е познат и составот на кумановчаните.

Инаку првиот ноќен натпревар во Македонија е одигран во Скопје на 20 јуни 1946 година меѓу скопска Македонија и Работнички. Во 1958 година ноќен натпревар се одиграл и во Битола меѓу Пелистер и кумановски КСК. И денес по толку години на стадионите во Кочани и Битола нема монтирано рефлектори за ноќни натпревари.

Се вчитува...