СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Првиот фудбалски натпревар во Скопје под рефлектори

Натпреварот е одигран на 20 јуни 1946 година на денешното игралиште на Работнички

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Дали некој од најстарите жители во Скопје се сеќава на првиот фудбалски меч под рефлектори ,одигран во далечната 1946 година, поточно на 20 јуни на денешното игралиште на Работнички во Градскиот парк. Сигурно дека многумина читатели на „Екипа“ ќе се запрашаат, дали е тоа можно, зарем во Скопје постоел стадион на кој имало рефлектори за ноќни натпревари.

Таа година беше одржано и првото фудбалско првенство на Македонија, со само шест екипи: Победа, Работнички и Македонија од Скопје, Гоце Делчев, денешна Победа од Прилеп, Пелистер од Битола и 11 Октомври од Куманово. Се играло двокружно, секој со секого, прв шампион на Македонија во таа тогашна Македонска прва лига станала скопска Победа.

И тогаш потекна иницијатива да се одигра ноќен натпревар под рефлектори, желбата беше голема, интересот за фудбалот по завршувањето на Втората светска војна и првото одржано првенство на Македонија уште поголем.

Според малку податоци што ги пронајдовме, мечот е одигран, како што веќе напишавме на 20 јуни 1946 година на денешното игралиште на Работнички меѓу скопските клубови Македонија и Работнички. Македонија победила со 1:0.

На самото игралиште, покрај аут линијата, од една и од другата страна биле поставени 14 рефлектори, донесени од Македонскиот народен театар, кој беше урнат во катастрофалниот земјотрес 1963 година, но кој по педесетте години беше повторно изграден. Бандерите за нивното монгтирање, ги постави Градското претпријатие на Пошта, Телеграф и Телефон а за електричните работи беше задолжено /ФЕП/, Федерално електрично претпријатие.Јасно, се ова беше бесплатно.

Сведок и актер на тој прв ноќен натпревар во Скопје по втората светска војна беше играчот на Македонија, подоцна и на Вардар Саво Цветковиќ, за кој неодамна пишувавме, кој беше стрелец на првите голови за Вардар. Иако има 96 години, Цветковиќ е се уште во добра ментална и физичка кондиција.
-Имаше доста гледачи околу игралиштето, иако рефлекторите беа доста силни, на одделни делови од теренот, топката не се гледаше најјасно.Пред мечот беше обоена со бела боја, но и тоа не помагаше многу. Беше навистина интересно, незаборавен натпревар, за кој долго се раскажуваше бидејќи во тоа време да се игра под рефлектори, како денес на секој стадион, беше вистинска атракција. Цветковиќ не се сеќава кој го постигнал голот за Македонија, тоа не е забележано ниту во „Нова Македонија“ освен информацијата за резултатот и други технички податоци околу поставувањето на рефлекторите од театарот и бандерите.

Македонија играла во состав: Драган Геров, Славко Димитровски, Васко Кокиновски- Макара, Цветан Давидовски-Голчо, Ацо Иваноски-Чапаев, Борис Кимовски, Христо Георгиевски, Благоја Петровски-Бала, Стојан Богоевски-Гајда, Гота Сезаир и Саво Цветковиќ.

Успеавме, по многу проверки да го најдеме и составот на Работнички: Цветан Бачваровски, Миле Михајлов, Шпире Петровски, Илија Игњатовски, Владо Димитровски, Душко Стефаноски, Никола Таневски, Тошо Венинов ,Чедо Ханџиски, Стевче Димитровски, Стојан Видински, Ацо Тодоровски.

Има некои сознанија дека ноќен натпревар во Скопје имало 1935 година. Не успеавме да пронајдеме таков податок.

Поставувањето на првото електрично осветление на Градскиот стадион во Скопје започна дури 1965 година. Работите се изведуваа во етапи со доста неизвесности, стадионот беше приспособен но не и целосно регуларен за играње на ноќни натпревари како што предвидуваат меѓународните критериуми бидејќи инсталираните рефлектори обезбедуваа светлина од само 350 лукса.

Под притисок на резултатите што ги постигна Вардар 1986 година освојувајќи ја титулата шампион на Југославија, кога обезбеди настап во Лигата на шампините, „ЕМО“ од Охрид, „Електроковина “од Љубљана и „Електро Скопје“ извршија целосна реконструкција на осветлението на стадионот. Беа вградени нови рефлектори со халогени светилки при што беше обезбеден агретат за вклучување автоматски на сите уреди за осветлување од 2.000 лукса според меѓународните критериуми.

Премиера на новото осветлување на Градскиот стадион беше на 19 септември 1987 година на мечот меѓу Вардар и Порто.

Се вчитува...