Срамен однос на Светската таеквондо федерација: Георгиевска нема да може да настапи на МОИ во Буенос Аирес

Македонската таеквондо репрезентативка Анамарија Георгиевска поради проблеми со тежината нема да може да настапи на Младинските олимписки игри 2018 кои во моментов се одржуваат во Буенос Аиерс, Аргентина.

Како што информираат од Македонскиот олимписки комитет, на официјалното мерење на Георгиевска и беа измерени 500 грама повеќе од дозволената тежина за категоријата до 55 кг. Но, сето тоа е и поради срамниот однос на Светската таеквондо федерација која, како што велат од МОК, ги одбила сите дописи и барања изминативе месеци за промена на категоријата на македонската репрезентативка која оваа година има и јуниорски бронзен медал од Светското првенство во Тунис во категоријата до 59 килограми.

„Македонскиот олимписки комитет информира дека Анамарија Георгиевска нема да настапи на Младинските олимписки игри Буенос Аирес 2018! Анамарија, на 6. aприл 2017 година, доби покана од страна на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) и Светската Таеквондо федерација (СТФ) да настапи на МОИ Буенос Аирес 2018. Во тој период, таа имаше 54 килограми и беше пријавена во категоријата  до 55килограми. Мора да се истакне дека во тој период беше тешко да се предвиди како таа ќе се развива и дали ќе биде една или две тежински категории погоре за време на МОИ. Во меѓувреме, Анамарија Георгиевска во 2018 година оствари историски резултат за македонскиот спорт и освои јуниорски бронзен медал од Светско првенство во Тунис во категорија -59кг. Македонскиот олимписки комитет и Македонската Таеквондо Федерација испратија бројни дописи до ИОК и до СТФ за промена на категоријата во која таа ќе учествува, но за жал сите можни обиди и дописи за да се промени категоријата на овие игри за Анамарија беа одбиени од страна на СТФ. Анамарија, во консултации со својот тренер и лекарската екипа во МТФ, го прифати тој предизвик иако тоа значеше напорен период и за неа и за нејзините тренери. Вчера, на официјалното мерење, на Анамарија и беа измерени 500 грама повеќе од дозволеното со што таа не доби дозвола за настап. Веруваме дека ова ќе претставува уште еден силен мотив за Анамарија да биде уште подобра и да биде уште поодлучна во своите планови да биде бр.1 во светот“ – информираат од Македонскиот олимписки комитет.

Се вчитува...