Срамно: Одбојкарите избегнале и физичка пресметка само да ослободат сала за футсал екипата на Шкупи

Очигледно националните селекции тешко може да добијат соодветен третман во македонскиот спорт, ако се суди според начинот на кој пооделни спортски колективи тераат „правда“. Македонските одбојкари иако се во завршна фаза од подготовки пред настап на ЕП, се избркани од салата каде ги одработуваа своите подготовки затоа што, поради недоразбирање околу термините на стариот и новиот концесионер на СРЦ „Кале“, од редовите на футсал екипата на Шкупи ја резервирале салата за ист термин овој викенд.

Токму поради тоа, подготвителниот турнир „Чајка“ место во Кале ќе се игра во „Градски парк“. Од редовите на Шкупи воопшто не сакале ниту да разговараат за договор околу термините, и наспроти интервенциите дури и на челниците на Агенцијата за млади и спорт и премиерот Зоран Заев. Цврсто стоеле на ставот дека не отстапуваат од ништо.

Но, претседателот на ОФМ, Петар Јовановски вели дека ситуацијата била толку тензична што од спротивната страна не само што имало отпор туку и желба за физичка пресметка.

„ОФМ има склучен договор со правното лице РК Вардар, со официјален договор на 24 јуни. Барањето на виновниците мислам дека е за повисоки инстанци. Ние не знаеме да се тепаме, туку да се натпреваруваме на терен во сала. Страната која остана во салата беше посилна од нас, а ние одлучивме да бидеме попаметни и поради тоа се повлековме и ја сменивме локацијата на играње“, истакна Јовановски на денешната прес-конференција свикана околу организацијата на турнирот .

„Ова е 43. издание на турнирот ‘Чајка’ и може да кажам дека е најсилното со селекции како Бугарија, Белгија и Украина. Среќни сме што турнирот е во функција на подготовка на репрезентацијата за ЕП. Со помош на АМС, верувам дека ќе одржиме еден квалитетен турнир, кој ќе помогне во кревање на нивото на одбојкарскиот спорт во Македонија“, изјави организаторот Хаџи-Иљоски.

Македонија ќе игра утревечер од 20:30 часот, во второто полуфинале, против Украина, а претходно од 17 часот ќе се сретнат Бугарија и Белгија. Во исти термини в сабота се финалето и мечот за трето место.

Се вчитува...