„Срамно… Судијата кој одлучи во корист на Вајлдер треба да ја врати лиценцата“

Сериозни негодувања во боксерскиот свет имаше по одлуката мечот меѓу Деонтај Вајлдер и Тајсон Фјури за ВБЦ појасот во тешка категорија да заврши без победник. Поголемиот дел од аналитичарите сметаат дека Фјури ја заслужил победата затоа што доминирал во десет од 12 рунди.

„Одлуката е смешна. Срамно… Судијата кој му даде предност на Вајлдер од 115-111 треба да ја врати лиценцата и никогаш повеќе не би смеел да работи во боксот“ – смета поранешниот боксер, а денес стручен коментатор, Пол Малинаџи.

А, судијата кој даде предност за Вајлдер е Американецот со мексиканско потекло, Алехандро Рохин. Канаѓанецот Роберт Тапер, пак даде 114-110 за Фјури, додека Британецот Фил Едвардс одлучи – 113-113.

„Ја гледам таа негова картичка и едноставно не можам да разберам и да објаснам како дошол до тој резултат“ – дополнува Малинаџи.

Рохин на картичката има и дека Вајлдер ги добил првите четири рунди, што е апсолутно неразбирливо поради очигледната доминација токму во тие рунди на Фјури. Гледано од професионален боксерски аспект – апсолутно неможно!

Фјури ќе беше сигурен победник на мечот, доколку не беа оние два нокдауини во деветтата и во 12-та рунда на Вајлдер, што донекаде донесе впечаток за израмнет меч.

Се вчитува...