Србија го доби трилер-финалето со Грција

Србија е победник на силниот „Акрополис куп“ што изминатите денови се одржуваше во Атина, откако нашиот северен сосед во суперинтересно финале славеше над Грција со 85-80, дури по продолжението од пет минути. Српскиот состав беше значително ослабен, Теодосиќ и Милосављевиќ не настапија поради повреда, од иста причина во Атина не допатува Лучиќ, додека Никола Јокиќ не беше во тимот откако добил дозвола од стручниот штаб да се врати во татковината.

Со „истенчен состав“ Србите се мачеа во првото полувреме, а во третата четвртина имаа и дури десет поени негатива (35-45). Сепак, во вториот дел се случи големиот пресврт, а кога со тројката на Бјелица избраниците на Ѓорѓевиќ поведоа со 72-64 на помалку од една минута до крајот се чинеше дека победата е осигурана. Сепак, Грците не се предадоа, го завршија мечот со серија од 8-0 и со тројката на Танасис Адетокумбо (негова петта) го одведоа мечот во продолжение.

Српскиот состав покажа карактер, па продолжи со добра игра и во следните пет минути, кршејќи го отпорот на домаќините и освојувајќи го првото место на овој силен турнир, на кој покрај Србија и Грција учествуваа уште и селекциите на Турција и на Италија.

Богдан Богдановиќ одигра извонреден меч постигнувајќи 28 поени, додека Бјелица забележа дабл-дабл од 18 поени и 10 скокови. Во таборот на Грција во главна улога беа браќата Адетокумбо, Јанис постигна 20, а Танасис 17 поени.

Се вчитува...