Србија тргна фуриозно – „стотка“ против Ангола на стартот на СП

Србија во голем стил го стартуваше настапот на Светското Првенство во Кина откако кошаркарите на нашиот северен сосед на отворањето ја демолираа Ангола со преубедливи 105-59. Избраниците на Александар Ѓорѓевиќ одиграа маестрално во нападот, па иако противникот не беше од највисока светска класа, самото издание на Србија беше јасен доказ зошто оваа селекција се смета за главен ривал на САД за златниот медал.

Мечот беше израмнет само во првите пет минути, период во кој Ангола погоди четири тројки, па резултатот гласеше „само“ 15-13 за Србија. Сепак, светските вицепрваци потоа влегоа во ритам, ја добија стартната четвртина со 29-20, a потоа ја зголемуваа предноста како што одминуваше времето. На одмор се замина со убедливи 50-32, по што Србите не покажаа милост ниту во второто полувреме, уште повеќе „газејќи“ го противникот се до конечните „плус 46“.

Богдан Богдановиќ беше во главна улога постигнувајќи 24 поени, по 14 реализираа Милутинов и Јокиќ, а Марјановиќ стигна до дабл-дабл од 12 поени и 10 скокови.

Во вториот меч од оваа група ќе се сретнат Италија и Филипини.

Се вчитува...